Првиот збор од староримскиот свиток стар речиси 2.000 години беше прочитан користејќи вештачка интелигенција, пишува Си-ен-ен. Станува збор за зборот πορφυρας (порфирас), што значи пурпурно на старогрчки.
Свитокот на кој е впишан древниот ракопис потекнува од староримскиот град Херкуланеум. Во 79 н.е., ерупција од вулканот Везув го покрил градот со вулканска прашина. Поради тоа, сите свитоци се крути и црни и повеќе наликуваат на парчиња јаглен него на документи од папирус. Ваквата состојба на свитоците од овој град го има направено речиси невозможно читањето на ваквите документи досега.
Новата технологија овозможила да се скенира топографијата на свитоците и потоа дигитално да се „одвиткаат“ истите. Ваквиот процес осигурува дека самите свитоци ќе останат неоштетени. Обиди да се одвиткаат истите во 19-от век довело до стотици изронети свитоци.
Студентот по компјутерски науки од Универзитетот на Невраска Лук Фаритор и студент по биороботика на Универзитетот Фраје во Берлин го открија истиот збор независно еден од друг. Добија награда од 50.000 долари, а следи и награда од 700.000 за тој што прв ќе прочита четири пасуси.
„Очигледно, има долг пат до тоа да можеме да прочитаме цел свиток, што е вистинската цел, но сега сум сигурен дека сега е решлив проблем чие решение можеби нема да треба толку време да го чекаме“, вели Мајкл МекОскер, истражувач по папирологија од Универзитетот на Лондон.
Дејвид Силз, професор по компјутерски науки кој 20 години ја развива потребната технологија, се надева дека до крајот на оваа година ќе видиме делумно прочитан свиток, додека се надева дека ќе се прочита цел свиток до крајот на 2024 година.
Инаку, колекцијата на преку 1.000 свитоци биле пронајдени во 18-от век во дом кој се верува дека бил домот на таткото на една од жените на Јулиј Цезар. Се смета за единствената целосна библиотека од грчко-латинската антика откриена од археолози.