дома Економија Европските и азиските берзи под притисок на геополитичките тензии

Европските и азиските берзи под притисок на геополитичките тензии

56

Цените на акциите паднаа на европските берзи во четвртокот претпладнето, како и ден претходно на њујоршки Волстрит, додека вложувачите ја следат состојбата на Блискиот исток и кварталните деловни резултати на компаниите.

Индексот STOXX 600 на водечките европски акции беше во минус од 0,7 отсто во 9:30 часот. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс ослабе за 0,95 отсто, на 7.515 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,26 отсто, на 15.055 поени, а париски CAC 1,06 отсто, на 6.895 поени.

Цените на акциите паднаа и на азиските берзи. Индексот на MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските, беше во минус од 1,4 отсто околу 9,30 часот. Истовремено, јапонскиот индекс Nikke се лизна за 1,9 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Австралија, Јужна Кореја и Хонгконг паднаа меѓу 1,4 и 2,2 отсто.

Така, пазарите го следат вчерашниот пад на Волстрит, каде Dow Jones загуби 0,98 отсто, додека S&P 500 се лизна за 1,34 отсто, а Nasdaq индексот 1,62 отсто.

Ова е резултат на повторното зголемување на приносот на американските државни обврзници, бидејќи подобрите од очекуваното економски податоци ја поддржуваат тезата дека инфлацијата може да остане покачена, така што каматните стапки на американската централна банка, исто така, би останале покачени подолг период од очекуваното.

И повисоките приноси на обврзниците ја намалуваат привлечноста на акциите, бидејќи на инвеститорите им нудат добри приноси без никаков ризик.

Инвеститорите, исто така, не се склони кон ризик затоа што стравуваат од ескалација на конфликтот меѓу Израел и Палестинците.

Покрај деловните резултати на компаниите и состојбите на Блискиот исток, во фокусот на инвеститорите ќе биде и говорот на претседателот на американската централна банка Џером Пауел, кој би можел да има значително влијание на пазарите.

Во такви околности, инвеститорите се повлекуваат од поризични инвестиции, како што се акциите, и бараат засолниште за својот капитал во инвестиции кои се сметаат за побезбедни во несигурни времиња, како што се американскиот долар и златото. Како резултат на тоа, цената на унца злато се движи близу највисокото ниво во последните два месеца, околу 1.950 долари.



ПредходнаДоларот зајакна, цените на нафтата паднаа
СледнаПриведен криумчар на мигранти | NetPress