Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека вчерашнот разговор со големата петорка бил тежок, но дека не може да зборува за детали, бидејќи таков бил договорот, јави дописникот на МИА од Белград.
„Луѓето мислат дека тоа е само поради Бањска. Не е. За нас тоа беше тактички страшно. Тоа донесе катастрофални последици, но во стратешка смисла, не заборавајте, нивната единствена цел е да го признаеме независно Косово“, рече Вучиќ во гостувањето на ТВ Пинк.
Тој изјави дека се надева дека ќе успеe да најде излез и дека Србија ќе продолжи да „турка напред со големи успеси во својата економија, градење инфраструктура… и во исто време да го зачува јадрото на своите национални интереси“.
„Тие имаат своја политика. Ви кажуваат која е нивната гледна точка и нема тука голема филозофија. Кога и да прашате за правни норми, тоа е уште полошо за правните норми. За нив Косово е независна држава. САД нема да ја сменат својата позиција. Германија нема да го промени својот став. Што вие како мали, можете да направите? Очекувам во четврток, петок да одам во Брисел. Ќе биде борба, рече Вучиќ, додавајќи дека во Брисел ќе се справи со сите пречки кои се поставуваат пред Србија.
„Наскоро одиме во Брисел, јас ќе зборувам за Косово, Ана (Брнабиќ) за некои поубави теми“, рече Вучиќ.
МИА
Линк до статијата Вучиќ: За нив Косово е независна држава. САД, Германија… нема да го променат својот став објавена на 365.com.mk.