Медиумските компании се соочуваат со финансиски предизвици откако сѐ повеќе големи социјални мрежи вложуваат сѐ помалку во промовирањето на вести, пишува Њујорк тајмс во нивната анализа.
Х (поранешно Твитер) ги тргна насловите од вестите кои се споделуваат на нивната платформа. Кемпбел Браун, надлежна за справувањето со вести на „Мета“ (компанијата-сопственик на Фејсбук и Инстаграм), најави дека ќе замине од компанијата. Од Тредс, конкуренцијата на Х, повторно кажаа дека нема да ги истакнат вестите на своите медиуми. Дури и Гугл, најконзистентниот соработник со новинските организации, отпушти голем број вработени во компанијата кои биле одговорни за вести.
Дополнително, Мета неодамна ги тргна сите вести на Фејсбук и Инстаграм во Канада. Оваа одлука беше одговор на канадски закон кој би ги обврзал социјалните мрежи да ги плаќаат медиумите при објавување на вести на големите платформи.
Адам Мосери, извршниот директор на Инстаграм, изјави дека пласирањето на вести на нивната платформа е проблематично поради тоа што предизвикува непродуктивни дебати. Илон Маск, сопственикот на Х, редовно изразува скептицизам кон големите медиуми.
Во 2020 година медиумите добиле 11,5 проценти од своите „кликови“ од социјалните мрежи. Во 2023 година овој процент паднал на 6,5.
Дополнително, повеќе не се активни иницијативи на социјалните мрежи за промовирање на вести. Фејсбук њуз, кој започна во 2019, веќе не е функционален. Во 2021 година Твитер соработуваше со Ројтерс и Асошиејтед прес за да се спротивстави на дезинформациите, но, откако Илон Маск го купи Твитер, односно Х, вестите од поголемите медиуми сѐ помалку се промовирани од алгоритмот на Х.
Постои и страв во однос на тоа како чет-ботовите кои користат вештачка интелигенција ќе влијаат на тоа колку се користат медиумите. Можноста да се добие информација без никаков клик до кој било медиум значи дека сѐ помалку луѓе ќе ги посетуваат веб-страниците на медиумите.