дома Економија Кредитирањето на компаниите во еврозоната речиси стагнирало во септември

Кредитирањето на компаниите во еврозоната речиси стагнирало во септември

56

Банкарските кредити на компаниите во еврозоната речиси стагнирале во септември, а паричната маса повторно драстично паднала, покажаа податоците на Европската централна банка (ECB), како одраз на притисокот од повисоките каматни стапки врз економијата.

Прилагодените кредити на компаниите се зголемени во септември за само 0,2 отсто во однос на истиот месец лани, што е најслабо од крајот на 2015 година и излезот на еврозоната од должничката криза. Во август беа зголемени за 0,7 отсто.

Кредитирањето на домаќинствата, пак, во септември е зголемено за 0,8 отсто, нешто послабо од август.

Показателот за понудата на пари (паричната маса) М3 повторно остро паднал, за 1,2 отсто, што е само маргинално поблаг отколку во август кога се намали за 1,3 отсто, што е најсилно откако ECB почна да објавува податоци.

Потесниот показател М1, кој ги вклучува само паричните средства во оптек и прекуноќните депозити, потонал за 9,9 отсто, само малку послабо од претходниот месец.

Посебното истражување на ECB на водечките банки покажало дека во четвртиот квартал планираат дополнително да ги заострат стандардите за одобрување кредити на компаниите. Тие наведуваат и дека е намалена побарувачката на кредити.

Забавеното кредитирање и намалената понуда на пари се резултат на затегнатата монетарна политика на ECB, која повторно ги зголеми каматните стапки во средината на септември, за четвртина процентен поен, и покрај проценките дека економијата годинава ќе порасне само за 0,7 отсто.



Предходна„The Hunger Games“ следната година на театарските штици во Лондон
СледнаГо призна делото и доби кривична пријава жената која ја нападна Елена Ристеска