На Волстрит берзанските индекси пораснаа во вторник, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од подобрите од очекуваните квартални деловни резултати на голем број компании.
Dow Jones зајакна 0,62 отсто, на 33.141 поени, додека S&P 500 порасна за 0,73 отсто, на 4.247 поени, а индексот Nasdaq 0,93 отсто, на 13.139 поени.
Цените на акциите вчера пораснаа и на европските берзи. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,20 отсто, на 7.389 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,54 отсто, на 14.879 поени, а париски CAC 0,63 отсто, на 6.893 поени.
Растот на индексите најмногу се должи на подобрите од очекуваните деловни резултати. Од 118 компании од индексот S&P 500, кои досега ги објавија своите резултати, 81 отсто од нив оствариле поголем профит отколку што очекуваа аналитичарите.
„Сезоната за објавување на резултатите зема замав, оваа седмица третина од компаниите од S&P ќе ги објават своите извештаи. До неодамна, извештаите беа малку разочарувачки, но во последните денови резултатите беа подобри“, вели Томас Мартин, портфолио менаџер во „Globalt“.
Пазарот е поддржан и од стабилното движење на приносите на 10-годишните државни обврзници под 5 отсто. Последните месеци, овие приноси, кои влијаат на низа каматни стапки на заемите, силно се зголемија и достигнаа највисоки нивоа во последните 16 години, па аналитичарите сметаат дека Fed нема причина дополнително да ги зголемува клучните каматни стапки.
Но, дури и да нема дополнително зголемување, станува сѐ појасно дека каматните стапки ќе останат покачени подолг период од очекуваното, што врши притисок врз пазарот, велат аналитичарите.
По затворањето на пазарот, цената на акциите на „Microsoft“ нагло порасна, бидејќи софтверскиот гигант објави подобри резултати од очекуваните. Од друга страна, цената на акцијата на „Alphabet“ значително падна, бидејќи приходите од „облакот“ на технолошкиот гигант пропаднаа.