Директорот на развој и инвестиции во АД ЕСМ, м-р. Виктор Андонов вчера беше дел од Инаугуративната конференција 2023 организирана од Македонско здружение за енергија од обновливи извори (МАРЕС).
На конференцијата директорот Андонов зборуваше на тема „За зелена иднина – приклучување кон транзицијата на обновливи извори на енергија“ и во своето обраќање го потврди патот по кој ЕСМ се движи изминатиот период, а ќе продолжи и во иднина со забрзано темпо.
„АД ЕСМ интезивно работи на 12 нови ивестициски проекти, со инсталиран капацитет од 1800 MW, од кои најголем дел се од обновливите извори како фотоволтаични и ветерни централи како и искористување на хидропотенцијалот. Но бидејќи мораме да се базираме на базната енергија, се предвидуваат и неколку гасни централи, кои треба да бидат замена или супституција на производството на енергија од јаглен“.
Како поважни ги истакна Фотоелектрична централа Осломеј-1, прва ФЕ во државна сопственост, изградбата на уште една сончева електроцентрала од 10MW во Осломеј, во целосна сопственост на АД ЕСМ како и на две фотонапонски електроцентрали од по 50MWво Осломеј, како Јавно-приватно партнерство на АД ЕСМ, 4 фотонапонски електрани од 280MW кои ќе се градат во РЕК Битола, исто така на локација на стари рудници и со својот капацитет ќе заменат еден блок од РЕК Битола, когенеративна гасна електрана од 250-400MW ќе се гради во РЕК Битола и ќе замени 2 блока од термоелектраната, хидроелектраната Чебрен, во Јавно-приватно партнерство со АД ЕСМ, како и активностите за заокружување на инсталираниот капацитет на ветерниот парк Богданци Втора фаза, со додавање дополнителни турбини, со инсталирана моќ од 14MW.
Сите овие проекти ќе значат зголемување на количината на електрична енергија произведена од обновливи извори и од гас, и во тие услови ние ќе можеме да го намалуваме производството од јаглен, а со тоа да се намалат и емисиите на СО2.
На конференцијата покрај ЕСМ присуствуваа клучните засегнати страни, како Крешник Бектеши, министер за економија на Република Северна Македонија, претставници од ЕБОР, Енергетската заедница, Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, МЕПСО, МЕМО, и Соларната енергија Европа, заедно со многу други еминентни организации и компании во секторот за обновливи извори на енергија. Сите овие засегнати страни ја носат својата вредна експертиза на маса и се посветени на поттикнување значајни промени во секторот за обновливи извори на енергија која помага да се обликува иднина каде чистата енергија не е само избор, туку начин на живот.