дома Економија Остар пад на Волстрит втор ден по ред

Остар пад на Волстрит втор ден по ред

55

На најголемата светска берза Волстрит, во четвртокот индексите остро паднаа втор ден по ред, како резултат на притисокот врз акциите на технолошките гиганти и стравувањата на вложувачите дека каматните стапки ќе останат покачени подолг период од очекуваното.

Индексот Dow Jones се лизна за 0,76 отсто, на 32.784 поени, додека S&P 500 потона за 1,18 отсто, на 4.137 поени, а индексот Nasdaq 1,76 отсто, на 12.595 поени.

Вчера беше објавено дека во третиот квартал американскиот бруто домашен производ (БДП) пораснал за 1,2 отсто во однос на претходните три месеца, кога беше зголемен за 0,5 отсто. Во однос на третиот квартал од минатата година, пораснал за 2,9 отсто, по растот од 2,4 отсто во периодот од април до јуни.

Ова покажува дека најголемата светска економија продолжува да расте стабилно, дури и побрзо од очекуваното. Тоа е добра вест, но ги поддржа стравувањата дека каматните стапки на американската централна банка би можеле дополнително да се зголемат и дека тие би можеле да останат на покачените нивоа подолго од очекуваното.

„Инвеститорите ги гледаат економските показатели низ објективот на агресивниот Fed. Добрите податоци ја доведуваат во прашање тезата што преовладува на пазарот – дека централната банка следната година ќе почне да ги намалува каматните стапки“, вели Грег Басук, директор во „AXS Investments“.

И вчера, како и завчера, меѓу најголемите губитници беа акциите на некои од најголемите технолошки компании, како „Meta Platforms“ и „Alphabet“. Кварталните резултати на овие гиганти се во согласност или подобри од очекувањата на аналитичарите, но или потфрлија во некој деловен сегмент или компаниите најавија послаби од очекуваните проценки за идниот бизнис, па акциите на овие компании се под притисок.

Додуша, цените на акциите на оние ткн „Величествените седум“, кои ги вклучуваат и акциите на „Apple“, „Amazon“, „Microsoft“ и „Tesla“, силно пораснаа оваа година, па нивниот пад не е премногу изненадувачки.

„Последниве денови се се врти околу „величествените седум“ и ми се чини дека нема резултати што би ги задоволиле инвеститорите. Затоа, се гледа дека дел од инвеститорите ја повлекуваат добивката од тој сектор, кој годинава најмногу порасна, и ја инвестираат во други сектори“, вели Скот Ладнер, директор во компанијата „Horizon Investments“..

Досега, повеќе од 150 компании од составот на индексот S&P 500 ги објавија своите квартални деловни извештаи, при што 80 отсто од нив остварија поголема добивка отколку што очекуваа аналитичарите. Затоа, сега се проценува дека заработката на компаниите од индексот S&P 500 во третиот квартал е зголемена за 2,6 отсто во однос на истиот период лани, додека на почетокот на месецот се очекуваше раст од 1,6 отсто.



ПредходнаВозачите ги тормозат жителите на гратче на Нов Зеланд со песните на Селин Дион
СледнаДоларот стабилен, цената на нафтата порасна