дома Македонија Мерката „Гарантирани цени“ на сила до крајот на годината, укината забраната за...

Мерката „Гарантирани цени“ на сила до крајот на годината, укината забраната за акции и промоции

157

До крајот на годинава ќе важи мерката за намалени цени на основните прехранбени производи и алкохолните и безалкохолните пијалоци што од 20 септември се продаваат со ознаката „гарантирана цена“, а укината е одлуката за забрана на акции и промоции од страна на производителите и дистрибутерите, одлучи денеска Владата.

„По вчерашната конференција и дискусија со трговците на мало и на големо и производителите, како и со помош на Стопанската комора на Северна Македонија за да нема заблуда во делот на трговијата, денеска, на предлог на Министерството за економија, укината е Одлуката во делот на акциите имајќи во предвид дека одредени трговци на мало ја толкуваа претходната одлука како неможност за давање акции и промоции. Тоа значи дека сега и производителите и дистрибутерите ќе може да организираат такви акции со цел да ги намалат цените за потрошувачите“, изјави министерот за економија Крешник Бектеши.

Мерката со која производите треба да имаат 10 отсто пониски цени отколку што се продавале на 1 август годинава наместо до 30 ноември, како што одлучи претходно Владата, ќе важи до крајот на годината, до кога се очекува да стапи во сила законското решение за нефер трговски практики.

„Согласно сите анализи и разговори со Државниот пазарен инспекторат и Секторот економија во Министерство за економија, а имајќи во предвид дека веќе е подготвен текстот на законот за нефер трговски практики кој треба за кратко време да биде пратен во собраниска процедура, а нашите очекувања се до крајот на годината да биде усвоен, одлучивме мерката за намалување на цените и ознаката ‘гарантирана цена’ да продолжи до крајот на годината, односно наместо до 30 ноември да важи до крајот на годината. Дотогаш најверојатно ќе го имаме новото законско решение со кое нема да може да се прават злоупотреби во делот на намалување на цените“, рече Бектеши.

Сите прехранбени прозводи, како и алкохолни и безалкохолни пијалоци од Одлуката за гарантирана цена, посочи Бектеши, мора да ги имаат највисоките цени од 1 август годинава до крајот на годинава намалени со дополнителни 10 отсто согалсно со донесената одлука.

МИА

– Реклама –

ПредходнаСеверина со голем концерт во Скопје на 30-ти март, следната година
СледнаНе знам зашто немало претставка до Агенцијата за лекови да види што може да направи на Онкологија