дома Технологија Бајден ќе потпише извршна наредба за регулација на вештачка интелигенција

Бајден ќе потпише извршна наредба за регулација на вештачка интелигенција

55

Американскиот претседател Џо Бајден ги откри деталите на новата извршна наредба за регулација на користењето на технологија која користи вештачка интелигенција. Таа вклучува наредби за поголема транспарентност од компаниите во однос на податоците што се користат, заштита од дискриминација при користењето на овие алгоритми, како и поддршка за истражувањата кои користат вештачка интелигенција, известува Белата куќа преку соопштение.

Од Белата куќа велат дека наредбата е најобемната полиса преземена од која било влада досега од полето на безбедност при користењето на вештачка интелигенција.

Поконкретно, наредбата се залага за поголема транспарентност од компаниите кои развиваат технологии поткрепени од вештачка интелигенција. Таа ги обврзува истите компании да ги објавуваат резултатите на своите тестирања при развивањето на нивните алгоритми.

Во наредбата исто се наведува дека ќе се развиваат стандарди и алатки за тестирање на ваквата технологија кои ќе треба да се користат пред да се пуштат во јавноста конкретни софтвери. Министерството за внатрешна безбедност на САД ќе ги спроведува новите стандарди во критични сектори во владата и ќе формира Одбор за безбедност на вештачка интелигенција.

Наредбата вклучува и препораки за соодветното обележување на содржини генерирани со помош на вештачка интелигенција. Федералните установи ќе ги користат овие алатки за да ѝ означат на јавноста дека информациите пренесени од владините институции се автентични.

Една од главните работи која ја загрижува јавноста во врска со вештачката технологија е заштитата на приватните информации кои би можеле да се користат како тренирачки податоци. Администрацијата на Бајден планира да се развијат стандарди за користењето на приватни информации и да се воведе евалуирање на големите компании за тоа како користат приватни податоци.

Друга проблематична точка на вештачката интелигенција се однесува на тоа како таа може да се користи за да се дискриминира против луѓе по различни основи. На пример, некаков алгоритам кој одредува дали на некое лице да му се пружи социјална помош може непропорционално да одбива луѓе од одреден етникум. 

Мерките за поддршка на вештачката интелигенција вклучуваат поддржување на технологија која користи вештачка интелигенција за подобрување на безбедносни системи, за медицински цели, за образование и многу други сектори. 

Сепак, администрацијата на Бајден има истакнато дека извршните наредби не се долготрајно решение на проблемот и го повикува Конгресот да усвои закон кој ќе се залага за безбедност при користење на ваква технологија.

ПредходнаШефот на пропаднатата криптоберза: Многу луѓe настрадаа поради нашите грешки
СледнаКонтроли на Бит Пазар, Зелен Пазар и пазарите во Тетово и Ченто: Запленети пиротехника и режан тутун