дома Економија Бугарската такса за рускиот гас е непримерна, ако треба ќе одиме на...

Бугарската такса за рускиот гас е непримерна, ако треба ќе одиме на меѓународен суд, вели Ковачевски

94

Таксата од 10 евра за мегават/час за транзит на руски гас низ Бугарија од денеска важи за Македонија, Србија и Унгарија. Одлуката за таксата ја донесе Бугарија на 13 октомври и ја претстави како санкција кон Русија. Трите држави остро реагираа, а Европската комисија оценувајќи ја како национална мерка и даде дозвола на Бугарија да ги користи парите од таксата за потребите на државата. Бугарија очекува 1,3 милијарди евра годишен приход од таксата.

Македонските власти бараат начин како да ја заобиколат оваа давачка за да нема негативни импликации врз економијата во земјава. Македонскиот премиер, Димитар Ковачевски го оцени потегот на Бугарија како непримерен кој се коси со европските принципи. Најави, ако треба, ќе се оди на меѓународен суд, а до соодветните директорати веќе реагирал и министерот за економија Крешник Бектеши.

„И јас и министерот за економија реагиравме во Европската комисија, јас преку претседателката на ЕК, тој преку соодветните директорати дека оваа такса е нешто што не треба да биде воведено со оглед на тоа што целокупниот капацитет на влезната страна кон С Македонија е даден од страна на Бугарија на ’Газпром’“, вели Ковачевски.

Според премиерот, воведувањето на оваа такса во нашата држава ќе предизвика зголемување на цената на електричната енергија и затоплувањето за 20 отсто.

„Побаравме да се ослободи капацитет за да може Северна Македонија да набавува гас од други извори, што нема да биде руски и со тоа нема да биде оптоварен со оваа дополнителна такса. Во моментот се водат разговори и на ниво на Европската Унија и со Бугарија со соодветното министерство за да може ова да биде направено. Минатата година успеавме заедно со Европската комисија и Бугарија да ослободиме капацитет за набавка на гас што не е исклучиво во сопственост на ’Газпром’ и се надевам дека и годинава ќе успееме да го направиме тоа“, додаде Ковачевски.

„Македонија на ниту еден начин не треба да биде погодена од воведувањето на оваа мерка затоа што таксата се однесува исклучиво на руски гас. Сосема е јасно дека Македонија не била таргетот, туку дека се други држави кои не знам од кои причини така се однесуваат. Една од опциите е да ни се зголеми капацитетот на нашиот единствен интерконективен гасовод со Бугарија за да доаѓа природен гас и од други земји, освен од Русија, рече претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.

Тој потенцираше дека новата цена на парното што важи од денеска, нема да се коригира цела година и во случај да не се најде позитивно решение во однос на бугарската такса.



ПредходнаЗголемен бројот на работници во индустријата за 2,4 отсто
СледнаЗапалени дел од еврејските гробишта во Виена, нацртани и кукасти крстови