дома Популарно Ковачевски и Агелер потпишаа Меморандум за експертска помош од САД за изработка...

Ковачевски и Агелер потпишаа Меморандум за експертска помош од САД за изработка на Националната стратегија за безбедност

64

Земјава и САД денеска потпишаа Меморандум за експертска поддршка за изработка на Националната стратегија за безбедност.

Меморандумот, како што соопшти попладнево владината прес-служба, го потпишале премиерот Димитар Ковачевски и американската амбасадорка во земјава Анџела П. Агелер.

„Оваа соработка во едно од најсуштинските прашања за државата е само уште една потврда за стратешкото партнерство и степенот на соработка меѓу нашите две земји. Како што знаете, на 19 септември, Владата ја усвои информацијата за потребата од изработка на Национална стратегија за безбедност, која ќе претставува еден суштински и стратешки документ и обединувачка визија за нашата држава во дефинирањето на виталните и стратешките интереси за безбедно и стабилно општество“, истакнал Ковачевски по потпишувањето на Меморандумот.

Стратегијата е предвидено да ги интегрира сите министерства и институции кои имаат пристап до заштитата и промовирањето на безбедносните интереси на земјата и ќе го определи нејзиното место во регионалниот, европскиот и глобалниот безбедносен контекст.

„Ме радува што за оваа цел и преку Меморандумот што ќе го потпишеме денеска, кон тимот наши експерти се приклучува и американски професионалец за национална безбедност со над 35 години работно искуство во стратешко планирање, извршни комуникации и мултинационални операции, како и истакната воена служба на глобално ниво“, потенцирал Ковачевски.

Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Прајс Агелер, истакнала дека стратешкото пријателство носи огромни придобивки за двете држави.

„САД се горди, ние сме горди на нашето пријателство и на поддршката и соработката со оваа земја и горди сме што ова е стратешко партнерство што носи огромни придонеси за двете земји. Тоа не е еднострано партнерство, и тоа го имаме видено не само со членството на оваа земја во НАТО и придонесите што сте ги давале досега кон Украина, туку и во многу други аспекти од нашето партнерство и пријатество“, потенцирала Агелер.

– Реклама –

ПредходнаБајден ќе стави вето на нацрт-законот за помош на Израел доколку во него не е вклучена Украина
СледнаОд проектот МојДДВ, за третото тримесечје од годинава повратот ќе изнесува околу 790 милиони денари