-Еден од најуспешните проекти е МојДДВ, сосема си го оправда своето постоење, рече денеска заменик претседателката на СДСМ и директорка на УЈП, Сања Лукаревска во гостување за Националната телевизија (МТВ).
Додаде дека од денеска започнува исплатата за претходното тримесечје.
„За третото тримесечје од 2023 година, повратот ќе биде околу 790 милиони денари, а ќе се однесува на 459.670 граѓани, корисници на оваа мерка. Бројката на корисници се зголемува и им благодарам на граѓаните кои се наши инспектори и кои пријавуваат и овозможуваат да се бориме со сивата економија, рече Лукаревска.
За МТВ таа посочи дека повратот на ДДВ може да биде и повисок од моменталниот од 2.100 денари, односно тој постепено да се зголемува.
„Во делот на наплатата можам да кажам дека данокот на личен доход и данокот на добивка навистина успеавме да прибереме и повеќе од она што ни беше предвидено согласно со планот и анализите“, додаде таа.
„Актуелни сме на терен, секојдневно, кај различни целни групи, на различни подрачја. Работиме и по пријави од страна на граѓаните, пријава и од други наши институции. Издавањето на фискални сметки е она кое што треба да биде белег на нашата држава, затоа што тоа е и пракса во европските земји. Со данокот на солидарност треба да се обезбедат три милијарди и единаесет милиони денари. Според расположливите податоци повеќе од 2/3 од компаниите ги подмириле обврските, а остануваат уште околу 1/3.“, додаде таа