Во основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ во Гостивар денес официјално беше ставена во употреба посебна просторија, адаптирана за ученици со попречности, уредена со соодветни реквизити и помагала. Училницата е опремена од страна на Хуманитарното здружение „Д-р Трајче Нешковски“, а донацијата се реализира под мотото „Еден сон, многу можности“.
„Целта на здружението беше да овозможи инклузивна училница за децата со попреченост кои учат овде, за да имаат свое катче и подобра инклузија и интеграција. Тоа е важно не само во образовниот процес, туку и во општественото живеење воопшто. Сметаме дека на ваков начин градиме инклузивно општество, градиме можности, а не ограничувања. Се надевам дека нашите можности како здружение во иднина ќе дозволат овој пример да го пресликуваме и во други образовни институции. Исто така, дека ваквата донација ќе ги поттикне и останатите општествено одговорни граѓани, институции, компании и здруженија заедно да учествуваме во процесот на градење на инклузивно општество и еднакви можности за сите.“, изјави Ема Нешковска од Здружението донатор, додавајќи дека разгледуваат можности во иднина просторијата да се оспособи и за сензорна интеграција.
На пуштањето во употреба на просторијата присуствуваше и градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари.
„Оваа донација има извонредна улога во третманот на децата со посебни потреби. Скоро сите училишта во Гостивар веќе имаат вакви училници, но оваа во ОУ „Мустафа К. Ататурк“ посебно убаво изгледа. Ме прави среќен што гостиварци се‘ повеќе и повеќе мислат на оваа категорија деца, и сите заеднички се обидуваме барем малку, колку што можеме да помогнеме. Се надевам дека ваквиот тренд за подобрување на условите за овие деца ќе продолжи“, кажа градоначалникот.
Во ова училиште настава посетуваат дваесетина деца со попречености.
Пуштањето во употреба на просторија се вклопи со одбележувањето на Светскиот ден на лицата со попреченост, 3 декември. По тој повод во холот на училиштето се организираше и настан со презентација и разни активности на децата со пораки за еднакви услови за сите дечиња и почитување на различностите.
Најновата емисија „МИНУТИ ЗА СЕКОГО“ | Тема: ПЕНЗИОНЕРИ | Гостинка: Живка Матевска
Leave a Reply