Provereno

nie znaeme…

Руски Калининград, родниот град на Кант, ги дигитализира неговите дела


Во поранешниот германски Кенигсберг или денешен руски Калининград, започна амбициозен проект за дигитализирање на стотиците ретки и стари книги, вклучувајќи ги и оние на германскиот филозоф од периодот на просветителството Имануел Кант.

„Главната мисија на нашите библиотеки е да ги зачуваат книгите“, вели за Reuters Руслан Аксјонкин, експерт и вработен во Културниот и образовен центар на Балтичкиот универзитет во Калининград. „Во моментов сме ангажирани во голем проект за скенирање на сите книги објавени пред револуцијата (од 1917 година)“.

Околу 450 книги кои датираат од XV до XX век чекаат на дигитализација.

Експертите се фокусираат на книги кои некогаш му припаѓале на германскиот филозоф Имануел Кант, најпознат на пошироката читателска публика по неговата „Критика на чистиот разум“ од 1781 година – револуционерен трактат од 800 страници за односот меѓу знаењето и искуството или перцепцијата.

Проектот е дел од подготовките за прославата на 300-годишнината од неговото раѓање, која ќе се одржи следната година.

„Има многу малку автентични предмети што ги поврзуваме со Кант“, но ги имаме делата на Кант објавени за време на неговиот живот. Некои од книгите што се подготвуваме да ги дигитализираме не се отворени со векови. Во некои од нив најдовме исушени лисја или марамчиња, и скици и чкртаници на рабовите на истрошените страници“, вели Аксјонкин.

Кант го поминал целиот свој живот, од 1724 до 1804 година, во тогашниот источнопруски град Кенигсберг, на кој право полага и Полска. По капитулацијата на Германија во Втората светска војна, градот бил предаден на Советскиот сојуз и населен со советско население, додека Германците биле протерани и денеска е балтичка руска енклава опколена со полска територија.



Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *