Преку уметност, музика, спорт, креативност на Отворен ден во средното техничко училиште во Гостивар, учениите ги искажаа своите ставиви и пораки против врсничкото насилство. Во холот на училиштето беа поставени информативни штандови, изложби со дела на средношколците, силуети од стиропор со цел да се хуманизираат искуствата поврзани со насилството, мисли од ученици, а беше поставена и „Кутијата за пријатели“ каде учениците анонимно ќе можат да пријават булинг.
Со активноста се заокружи проектот „Училишен ѕвон: кажи НЕ на насилство“ на Иницијатива за граѓански интеграции ИГИ Гостивар.
„Насилството во училиштата помеѓу младите станува се почеста и посериозна појава, за што говорат секојдневните непријатни случувања. Ова ја налага потребата насилството да бидe гледано во широк социјален контекст, а не како изолиран феномен. Насилството е сериозен проблем во училиштата, но воедно претставува и сериозен општествен проблем. Со своето разорно дејство и последици од човечки, морален, физички и материјален поглед, тоа претставува голема општествена опасност. Образовниот систем, односно училиштата, претставуваат исклучително важен дел во процесот на препознавање и превенирање на насилното однесување. Наставниците и стручната служба во училиштата, се клучна алка во развојот на позитивна клима и во превенцијата на насилство меѓу младите во училиштата и надвор од нив.“, истакна Анета Филипоска, од ИГИ.
Во склоп на проектот реализирани се обуки за наставниот кадар во насока на превенција и мерки против булинг, а изготвен е и тријазичен Прирачник, кој е поделен во гостиварските училишта.
„Влијанието на проектот е долгорочно и повеќедимензионално. Обучените наставници кои во пракса се и вработени во образовните институции, во иднина ќе бидат долгорочен ресурс на институцијата кои ќе обучат нивни колеги и ќе креираат подобрена и поиновативна програма за работа со учениците на темите за превенција и справување со насилство во училиштата. Ваквата изготвена програма ќе биде интегрирана во годишната програма за работа на училиштето, која училиштата прецизно ја имплементираат во зацртаната динамика на работа за време на наставната година. Понатака, формираните неформални клубови за врсничка едукација во училиштата, тековно ќе преземаат неформални и организирани активности за да го пренесат нивното знаење на своите врсници и да го објаснат концептот на ненасилно однесување во училиштата и надвор од нив. Изготвениот прирачник кој во пракса ќе им обезбеди практични насоки и информации на училиштата, ќе има едукативна вредност и може да биде користена од страна на наставниците за време на одделенските часови.“, кажа Филипоска.
Проектот „Училишен ѕвон: кажи НЕ на насилство“ се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, која е финансирана од Европската унија, а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Кофинансиран е од Општина Гостивар.
Најновата емисија „МИНУТИ ЗА СЕКОГО“ | Тема: ПЕНЗИОНЕРИ | Гостинка: Живка Матевска