![Што повеќе да се другарува со книгата! Што повеќе да се другарува со книгата!](https://provereno.mk/wp-content/uploads/2023/12/dsc_3722-scaled.jpg)
Основци од гостиварското училиште ,,Мустафа Кемал Ататурк“ преку повеќе едукативни и креативни активности се потсетија на значењето на книгите и се мотивираа да ја негуваат љубовта кон читањето. На работилницата што ја спроведе Здружението за култура, спорт и образование ,,Анисија“ од Гостивар, во склоп на проектот „Книгата наше најголемо богатство“ учествуваа ученици од петто до деветто оделение од паралелките на македонски, албански и на турски јазик.
Заследете нѐ на Телеграм
„Работилницата е насочена кон поттикнување на најмладите што повеќе и што почесто да другаруваат со книгите, да не заборават дека книгите се големо богатство со кое се надоградуваат како личности. Исто така, учениците ги запознавме и со функциите на библиотеките и пристапот до библиотечните фондови со користење на современата технологија.“, вели Валентина Тасеска, од здружението.
Значењето на книгите, функционирањето на библиотеките и електронското пребарување на книги со кои располагаат, на дечињата, преку предавање и практични вежби им го појасни Елизабета Трпчевска Петрушевска, советник библиотекар од Тетово.
Децата учесници добија подароци книги, нотеси и пенкала, а им беа поделени и едукативни летоци. Активностите ги координираше Лидија Новаковска, како координатор на проектот, кој се реализира со поддршка од Министерството за култура.