
По остриот пад минатата седмица, берзанските индекси пораснаа на Волстрит во понеделникот, бидејќи технолошките акции закрепнаа благодарение на падот на приносот на обврзниците.
Индексот Dow Jones зајакна за 0,58 отсто, на 37.683 поени, додека S&P 500 порасна за 1,41 отсто, на 4.763 поени, а индексот Nasdaq порасна за 2,20 отсто, на 14.843 поени.
Најмногу вчера пораснаа цените на акциите на производителите на чипови, како „Nvidia“ и „Advanced Micro Devices“, па индексот на тој сектор скокна за околу 3 отсто, откако минатата недела потона за 5,8 отсто. Закрепнувањето на тој сектор делумно е благодарение на корекцијата на цената по минатонеделниот пад, а делумно и на падот на приносите на американските државни обврзници.
Значително пораснаа и цените на акциите на технолошките гиганти, како што се „Apple“, „Amazon.com“ и „Alphabet“, коишто, исто така, драстично паднаа минатата седмица. Технолошките акции се многу чувствителни на движењата на инфлацијата и приносите на обврзниците.
Приносите се зголемија минатата недела, бидејќи надежите на инвеститорите за агресивно намалување на каматните стапки од страна на американската централна банка избледеа. Сепак, на почетокот на оваа седмица приносите благо паднаа, што ги поддржа цените на акциите на технолошките компании.
„Овој пазар е дефинитивно воден од приносите засега, бидејќи инвеститорите се обидуваат да сфатат кога ФЕД ќе почне да ги намалува каматните стапки и колку ќе ги намали оваа година“, рече Бил Мерц, директор во компанијата „U.S. Bank Wealth Management“.
Иако проценките на челнициет на американската централна банка (Federal Reserve – Fed) од минатогодишната седница покажуваат дека очекуваат трипати да ги намалат каматните стапки оваа година, на пазарот се шпекулира дека Fed ќе ги намали шест пати, почнувајќи од март. Сепак, овие шпекулации донекаде се намалија откако минатата седмица беа објавени записниците од минатогодишниот состанок на Fed, како и по податоците за посилен од очекуваниот раст на вработеноста во САД во декември.
Поради остриот пад на цената на нафтата, вчера најмногу паднаа цените на акциите во енергетскиот сектор. Нагло падна и цената на акцијата на „Boeing“, за 8 отсто, по привременоto приземјување на десетици авиони на компанијата додека е во тек инспекција која треба да открие зошто експлодирал дел од трупот на моделот „Boeing 737 Max 9“.