дома Економија Блискиот исток и американските резерви ги кренаа цените на нафтата кон 80...

Блискиот исток и американските резерви ги кренаа цените на нафтата кон 80 долари

33

Цените на нафтата се искачија на меѓународните пазари во четвртокот до 80 долари, под влијание на тешките преговори за ставање крај на вооружениот конфликт во палестинскиот Појас Газа и неочекувано големиот пад на залихите во САД.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше повисока за 81 цент од вчерашното затворање на тргувањето и изнесуваше 80,02 долари. На американскиот пазар со барелот се тргуваше за 72 центи поскапо, по 74,58 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОPEC) засебно објави денеска дека во средата барелот од референтната нафтена кошничка на нејзините членки поскапел за 50 центи на 78,86 долари.

Трговците внимателно ги следат преговорите за прекин на огнот во палестинската енклава Појас Газа. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ја отфрли последната понуда на радикалното движење Хамас за прекин на огнот и ослободување на израелските заложници, но американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека сѐ уште има простор за преговори. Делегација на Хамас пристигнува во Каиро во четврток на разговори со египетските и катарските посредници, додека во меѓувреме јорданскиот крал Абдула ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден за да лобира за крај на војната.

Пошироките тензии на Блискиот исток го одржуваат пазарот на работ од октомври, со многу ограничен напредок во преговорите. Во четвртокот израелската армија ги засили нападите врз градот Рафах на границата на Газа со Египет, каде што се засолни повеќе од половина од 2,4-милионското палестинско население.

„Цените пораснаа во последните денови поради одговорот на Израел на контрапонудата на Хамас на првичниот мировен план, кој гарантира дека судирите ќе продолжат со несмалено темпо“, вели Тамаш Варга од PVMМ.

Цените во четвртокот ги поттикна и фактот дека минатата седмица резервите од бензини и средни дестилати во САД паднале за 3,2 милиони барели, се според владиниот извештај. Аналитичарите проценија дека тие се намалиле за милион барели. Залихите на бензини паднале за 3,15 милиони барели.

Падот на залихите на гориво во комбинација со порастот на залихите на сурова нафта ја одразува работата за одржување во рафинериите во САД, објаснува Варга. „Тековните работи за одржување на рафинеријата во САД и недостигот на дизел во Европа може да го поддржат позитивното расположение за некое време“, додава.



ПредходнаБерт го сруши рекордот за најдолг живот по трансплантација на срце
СледнаГо киднапирале и го принудиле да го продаде станот за да може да врати долг