дома Технологија Нема потрес во Владата, туку кај еден од учесниците во Владата

Нема потрес во Владата, туку кај еден од учесниците во Владата

36

Не се согласувам дека се случил потрес во Владата, вели премиерот во техничката влада Талат Џафери во интервју за „Дојче веле“ коментирајќи ги последните превирања во Алијанса за Албанците кои доведоа партијата да достави предлог за разрешување на двајца од тројцата свои министри – Фатмир Меџити и Азир Алиу.

Потресот, вели Џафери, е кај еден од учесниците во Владата и тоа е работа на субјектот којшто се соочува со тоа.

„Работата во Владата се одвива во рамки на она што е во надлежност и обврска на Владата. Владата потполно функционира. Преземени се соодветни активности и мерки по однос на решавање на статусот на членови во Владата соодветно на процедурата која што е пропишана и надлежностите дадени со Устав и со закон“, вели Џафери во интервјуto за „Дојче веле“.

За обвинувањата на министрите Меџити и Алиу оти прави заговор против Алијанса за Албанците, Џафери вели дека не коментира изјави на членови на Владата коишто ги даваат од име на партиите и како членови на партиите.

„За однесувањето на секој надвор од она што е пропишано, моја надлежност е соодветно да се постапува. Така што не коментирам изјави на членови на Владата коишто ги даваат од име на партиите и како членови на партиите. Ако имаат нешто со Владата тоа е друга работа“, вели Џафери.

На прашањето дали ДУИ прави притисок врз Алијанса за да тргува во предизборните комбинаторики, Џафери тоа го отфрла и вели оти не знае од каде е тој впечаток за ДУИ. Додава дека како премиер одговара за Владата, а неговото членство во одреден политички субјект, како што вели, не значи дека е одговорен по однос на постапувањето и односите меѓу политичките партии.

Алијанса за Албанците, која е актуелен владин партнер и дел од парламентарното мнозинство, деновиве е во особен фокус на јавноста поради превирањата меѓу актуелниот и поранешниот партиски лидер Арбен Таравари и Зијадин Села околу прашањето за настапот на партијата на претстојните избори. Различните ставови на Таравари и Села по однос на ова прашање доведоа и до поделба меѓу тројцата министри на Алијанса во Владата.

Двајца од нив – за здравство и за информатичко општество и администрација – Фатмир Меџити и Азир Алиу застанаа зад Таравари во одлуката дека партијата треба да им се приклучи на опозициските партии на Албанците на претстојните избори. Министерот за правда Кренар Лога, пак, е на иста линија со Села кој смета дека Алијанса треба да оди сама на изборите. Расколот во партијата резултираше со тоа крилото на Села да предложи разрешување на Меџити и Алиу.

ПредходнаПринцот Вилијам се врати на своите должности по операцијата на неговата сопруга и веста за ракот на кралот
СледнаКонтроли за проверка во градинките дали децата се вакцинирани против голема кашлица