дома Македонија Лога: Да имаше навистина поддршка Таравари нема да ни се обратеше преку...

Лога: Да имаше навистина поддршка Таравари нема да ни се обратеше преку Фејсбук

34

 

Зијадин Села го чека Арбен Таравари и членовите на Централното собрание утре во 13 часот да одлучат за изборниот настап на Алијанса за Албанците. Поддршката од 75 делегати која синоќа ја доби лидерот на партијата Таравари, во Куманово, за коалиција со албанскиот опозициски блок, за крилото на Села е само средба со граѓани, а не Централно собрание.

Генералниот секретар на Алијанса за Албанците Кренар Лога за „Слободен печат“ вели дека вчерашниот собор на поддржувачите на Таравари е нелегитимен.

-Да имаше навистина поддршка од 75 члена, Таравари нема да ни се обратеше преку Фејсбук, туку ќе не победеше во Централното собрание. Настанот беше како што и самите најавија, средба со граѓаните – вели Лога и додава дека во Статутот детално е наведена постапката како се свикува Централното собрание.

Блерант Рамадани по завршувањето на состанокот на Централното собрание изјави дека Таравари добил поддршка од 75 претставници на Централното собрание.

– Како што и вие бевте сведоци сега се реализираше состанок со претставници на централното собрание каде беа присутни 75 претставници на централното собрание и сите едногласно гласаа и потпишаа исто така за да му дадат целосна поддршка на претседателот да ја реализира оваа коалиција со албанската опозиција, сѐ со цел еднаш после 20 години ДУИ да помине во опозиција – рече Рамадани.

Членовите на Собранието, дале поддршка на Таравари, партијата после изборите да биде проевропска и во насока на политиките на САД. Рамадани додаде дека Алијанса на Албанците има 29 членови на централно раководство, а синоќа биле присутни 17. Тие едногласно ја прифатиле иницијатива на претседателот и му дале поддршка.Според Рамадани, утре во Скопје може да има само собир, а не Централно собрание.

-Во сабота тоа што ќе се случи може да биде само собир од евентуално 45 отсто од оние што не потпишаа денеска. Во демократија знаеме дека мнозинството одлучува. Е сега одлуката на 45 отсто и сите да бидат присутни не може да влијае на денешната одлуката – кажа Рамадани.

По вчерашниот состанок Таравари на Фејсбук објави дека Алијанса за Албанците официјално одлучи да се приклучи кон опозицијата.

„Делегатите гласаа за мојот предлог. Ви благодарам од сè срце за довербата! Алијансата за Албанците официјално одлучи да се приклучи на опозицијата! 8 мај е поблиску од кога било! Промената започна!“, објави Таравари на Фејсбук.

ПредходнаШвајцарскиот пионер во користењето на соларна енергија има за цел да ја обиколи Земјата за 9 дена со авион на водород
СледнаЈавно обвинителство: Негувателка под истрага за запуштање и малтретирање на дете