Неколку дена откако Шпанија го избра дуото Nebulossа за свој кандидат за годинешниот избор за песна на Евровизија, нивната електропоп песна „Zorra“ се искачи на врвот на музичките топ листи во земјата, но и го подели јавното мислење поради нејзиниот наслов, со оглед на тоа што зборот може да се преведе како „лисица“, но почесто се користи во смисла на „блудница“, „курва“.
Како што пренесува британски The Guardian, шпанските власти претходно деновиве за медиумите изјавиле дека против песната на дуото Nebulossa биле поднесени повеќе од 300 жалби, а феминистичкото движење од Мадрид им дало поддршка на оние кои повикуваат контроверзната песна да биде повлечена од Евровизија, опишувајќи го терминот „zorra“ како „вербално насилство врз жените“, посочувајќи дека навредливиот термин се повторува дури 45 пати во песната.
Во соопштението на организацијата се наведува дека „славењето на поим кој се користи како сексистичка алатка за понижување е форма на јавна ревиктимизација“.
Феминистичката организација истакнува и дека промоцијата на песната на државната телевизија може да доведе до тоа употребата на спорниот термин да стане вообичаен меѓу малите деца и адолесцентите.
Во исто време, шпанската државна телевизија RTVE и Европската радиодифузна унија, којашто го организира натпреварот, го одобрија учеството на Шпанија со таа песна
Дури и шпанскиот премиер Педро Санчез не гледа ништо лошо во значењето на зборот.
„Ми се чини дека феминизмот не само што е праведен, туку може да биде и забавен, а ваквата провокација мора да потекнува од културата“, изјави Санчез за телевизиската куќа La Sexta.
Неговото гледиште подоцна го повтори и шпанската министерка за родова еднаквост, Ана Редондо. „Мислам дека оваа песна го крши калапите и стереотипите и е многу допадлива“, рече таа.
А 55-годишната пејачка на групата Nebulossа, Марија „Мери“ Бас за RTVE изјави дека често ја нарекувале „zorra“ и дека „песната е начин да се трансформира тој збор во нешто убаво“.
Песната на дуото Nebulossа, кое во 2018 година го основаа Бас и нејзиниот сопруг 49-годишниот Марк Дасоуса по повеќе од 20 години брак, во средата беше рангирана како најслушана на Spotify и трета во светот.