Од обврската за почитување на ДСА се ослободени само малите и микро претпријатија кои вработуваат помалку од 50 лица и чиј годишен обрт е под 10 милиони евра.
Според извршната потпретседателка за Европа прилагодена на дигиталната ера Маргрете Вестагер, стартувањето на обврските за почитување на правилата од ДСА од страна на сите платформи претставува голема пресвртница во одразувањето на основните вредности и принципи на ЕУ.
– Корисниците, земјите членки и платформите сега можат да ги користат алатките во рамките на ДСА за да формираат побезбеден и потранспарентен онлајн свет, истакна Вестагер.
Еврокомесар за внатрешен пазар Тиери Бретон порача дека ЕУ е целосно мобилизирана за да обезбеди имплементација на ДСА и ги охрабрува сите земји членки да извлечат максимум од новите правила.
– Ефикасното спроведување е клучно за заштита на нашите граѓани од нелегалните содржини и за поддршка на нивните права, додаде Бретон.
Целта на Законот за дигитални услуги е да го направи интернет просторот побезбеден, поправеден и потранспарентен и подобро да ги заштити корисниците од ЕУ од нелегални производи и содржини на онлајн платформите.
Согласно Законот, онлајн платформите, меѓу другото, се должни јасно да ги посочуваат илегалните содржини, производи и услуги, да преземат мерки за заштита на малолетниците, да забранат емитување на реклами кои ги таргетираат корисниците врз основа на политички или верски убедувања и сексуални преференции, да ги информираат корисниците за причините за отстранување на некоја нивна содржина или суспензија на налозите или профилите и да им овозможат пристап до механизмот за поплаки, како и да доставуваат извештаи за начините на следење на објавените содржини најмалку еднаш годишно.
Покрај за онлајн платформите, Законот за дигитални услуги предвидува и правила за хостинг услугите, како и за онлајн посредниците, односно за давателите на интернет услуги или домејни. Услугите за хостирање и онлајн посредниците се предмет на подгрупа на обврски според ДСА.
Кон крајот на август минатата година, одредбите на ДСА почнаа да важат за 19 социјални мрежи, пребарувачи и страници за е-трговија со над 45 милиони корисници од ЕУ на месечно ниво, кои во април беа прогласени за „многу големи онлајн платформи“. Дополнително, ваков статус во декември им беше доделен на уште три интернет платформи.
Врз основа на ДСА, секоја земја членка треба да именува национален координатор за дигитални услуги, со улога на независен регулатор задолжен да го следи почитувањето на законските правила на нивна територија.
Во пракса овие координатори треба да бидат првото ниво за поплаки за прекршување на ДСА од страна на онлајн платформите, да именуваат независни субјекти за експертиза во откривањето, идентификувањето и известувањето за илегалните содржина на интернет, како и да имаат овластување за спроведување истраги за усогласеност со Законот и да изрекуваат мерки и казни за предизвикана сериозна штета во јавната сфера.
Европската комисија заедно со координаторите ќе формираат независна советодавна група наречена Европски одбор за дигитални услуги, што треба да обезбеди дека ДСА ќе се применува доследно и дека корисниците низ ЕУ ќе ги уживаат истите права, без оглед на тоа каде се воспоставени онлајн платформите.
Одборот ќе биде консултиран за спроведувањето на Законот и ќе дава совети за прашањата поврзани со него и може да придонесе за насоки и анализи. Тој, исто така, ќе помогне во надзор на „многу големите онлајн платформи“ и ќе издава годишни извештаи за истакнатите системски ризици и најдобри практики за нивно ублажување. Првиот состанок на Одборот треба да се одржи в понеделник.
Според најавите, идниот месец Еврокомисијата треба да донесе Насоки за мерки за намалување на ризикот за изборните процеси, а во април ќе одржи јавна консултација за подготовка на акт за пристап до податоци, кој би требало да биде усвоен до јули. Дополнително, во мај ЕК планира да усвои и Акт за изработка на обрасци за извештаите за транспарентност.