дома Свет На мајката на Навални и било кажано дека критичарот на Кремљ починал...

На мајката на Навални и било кажано дека критичарот на Кремљ починал од синдром на ненадејна смрт

41

   Персоналот во казнената колонија ја известиле мајката и адвокатот на Алексеј Навални дека најпознатиот критичар на Кремљ починал од „синдром на ненадејна смрт“, објави денеска Иван Жданов, истакнат сојузник на Навални.

Портпаролката на Навални денеска  изјави дека не е познато каде е однесено неговото тело, бидејќи мртовечницата, која се наоѓа во близина на арктичкиот затвор каде што почина, соопшти дека не го примиле неговото тело.

Навални, 47-годишен поранешен адвокат, се онесвестил и починал во петокот по прошетката во казнената колонија „Поларен волк“ во Карп, на околу 1.900 километри североисточно од Москва, каде што издржувал 30-годишна казна, објавија затворските власти.  Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, рече дека неговата мајка, Људмила, добила официјално известување за смртта на нејзиниот син. Според известувањето, Навални починал на 16 февруари во 14:17 часот по локално време.

„Бараме телото на Алексеј Навални веднаш да му биде предадено на неговото семејство“, рече Јармиш. Таа на платформата X објави дека вработен во затворот рекол дека руските инспектори го однеле телото на Навални во Салехард, град во близина на затворот. Кога мајката и адвокатот на Навални пристигнале во мртовечницата во Салехард, мртовечницата била затворена и тие се увериле дека телото на Навални го нема, рече Јармиш.

„Тоа е затворено, и покрај уверувањата на колонијата дека работи и дека телото на Навални е таму. Адвокатот се јавил на телефонскиот број на мртовечницата. Му било кажано дека тој е веќе седмиот кој им се јавил денеска и дека во мртовечницата не е телото на Навални“, рече портпаролката. Вработен во единствената мртовечница на Салехард за западни медиуми изјави дека телото на Навални не во тој објект.

„Истражниот комитет има милион опции. Имаме само една мртовечница во Салехард. Не примив никого, нема тела…нема документи“, рече вработениот, кој не сакаше да го открие својот идентитет, наведувајќи други градови во регионот – Лабитнанги, Надим и Уренгој – каде телото на Навални би можело да биде испратено. Најмалку 212 лица се приведени од вчера на собирите во спомен на Алексеј Навални, објави организацијата за човекови права ОВД-Инфо.

ПредходнаЕвропските либерали меѓу идеологијата и борбата за задржување на позицијата
СледнаИлјадници демонстранти во Мадрид бараа прекин на огнот во Појасот Газа