Брисел, 17 февруари 2024 (МИА) – Над 200 економисти упатија отворено писмо до Европската комисија во кое бараат од неа да го промени начинот врз основа на кој ги изработува базичните економски прогнози, како и во нејзините основни модели за пресметка подобро да ги интегрира критичните фактори поврзани со животната средина.
Потписниците на писмото, меѓу кои и Маријана Мазукато, Стив Кин, Џејсон Хикел и Кејт Раворт, предупредуваат дека постои ризик од пропаѓање на моделите врз основа на кои Европската комисија ги изработува своите клучни прогнози и политички дискусии, доколку „не ги земе предвид најитните предизвици со кои се соочуваат економиите во реалниот свет во 21-от век“.
Според економистите, Комисијата во моментов се уште се потпира на модели кои се базираат на принципи кои „можеби не успеваат да го земат предвид влијанието на растечките промени“ поврзани со климата, економските перформанси и финансиската и економска нестабилност.
– Некои структури на модели и основни претпоставки природно имаат тенденција да ги фаворизираат решенијата засновани на пазарните услови, наместо на регулативите, се вели во писмото, при што се додава дека прогнозите би можеле „да наведуваат на противење на европските пакети за експанзивна политика и големите инвестиции неопходни за постигнување на јаглеродна неутралност“.
Економските експерти, оттаму, сметаат дека креаторите на политиките треба да ги прошират и диверзифицираат научните инпути кои служат како основа за носењето политички одлуки и насоки.
– Инкорпорирањето на инструменти развиени од еколошките економисти во системот за моделирање на ЕУ значително ќе ги подобри способностите за предвидување на Комисијата, сметаат потписниците на отвореното писмо.
Копретседател на групата на Зелените во Европскиот парламент, која е спонзор на писмото, Филип Ламбертс смета дека начелата на еколошката економија се повеќе се прифаќаат од страна на водечките економисти.
– Мислам дека расте сознанието во светот на макроекономијата дека нешто не функционира, изјави Ламбертс за „Еуроактив“.
Меѓутоа, економистката на шведскиот Универзитет во Упсала, Ева Алфредсон оценува дека главните прогнозери на ЕК не ги прифаќаат „доволно брзо“ еколошките економски принципи.
– Ние сме среде климатска криза и треба да дејствуваме прилично брзо, смета Алфредсон.
Со неа се согласува и истражувач во Стокхолмскиот институт за животна средина (СЕИ), Кристијан Сканберг, кој смета дека авторите на прогнозите немаат „соодветните влезни податоци за да добијат вистински излезни податоци“.
Според него, како што еколошките прашања стануваат се поважни, последиците од климатските промени ќе имаат поголеми влијанија врз инфлацијата и бруто домашниот производ.
Вишата соработничка во тинк-тенкот Бригел, Хедер Граб, смета дека економските модели веќе „долго ги третираат влијанијата врз животната средина како надворешни фактори“ и постои тенденција на пристрасност против големите зелени инвестиции.
– Неодамнешните истражувања за макроекономското влијание на климатските промени и деградацијата на животната средина треба да бидат вклучени во моделите што ги користат креаторите на политиките, додава Граб.
Раководителот на Програмата за одржлив просперитет за Европа во Центарот за европска политика (ЕПЦ), Стефан Шипка, пак, смета дека при дизајнирањето на економските политики, лидерите треба да го имаат предвид влијанието на климатските промени и другите предизвици за одржливост.
– Би рекол дека нашиот сегашен пристап кон економијата се уште се заснова на стари премиси кои не земаат предвид дека живееме во свет со ограничени ресурси, вели Шипка.
Според него, новиот пристап може да покаже дека земјоделците ќе мора „да платат повисока цена за зелената транзиција“ отколку што се мислеше претходно, како и дека некои зелени мерки, како што се подобрувањето на квалитетот на воздухот во градовите и циркуларната економија, може да имаат позитивни економски ефекти.
– Генерално, користењето попрецизни модели е економски исплатливо. На долг рок, тоа ќе обезбеди поголем просперитет за Европејците, заклучи Шипка