дома Култура Два филма на Тања Балаќ во „Уметничката работилница Лазарети“ во Дубровник

Два филма на Тања Балаќ во „Уметничката работилница Лазарети“ во Дубровник

11

  Во Културниот центар „Уметничка работилница Лазарети“ во Дубровник вечер ќе бидат прикажани двата кратки филма „Следна генерација“ и „Заглавени заедно“ на македонската уметница Тања Балаќ.

Два филма на Тања Балаќ во „Уметничката работилница Лазарети“ во ДубровникВидеоанимацијата „Следната генерација“ (2023) на Балаќ, која ќе биде прикажана во овој простор, се осврнува на проблемите и апсурдите на денешницата со кои секојдневно се соочуваат децата и младите – За филмот, самата авторка вели дека е видео анимација чија главна порака е критика на реалноста и хаосот во кој живееме.

– Преку крикот на дете со затворени очи се отвораат темите за детството, невиноста, неизвесноста и стравот од иднината, но истовремено авторката предупредува и на сите скршени вредности што им се оставени во наследство, велат во најавата од „Арт радионица Лазарети“.

Тања Балаќ за овој филм го освои Гран прито на овогодинешниот „Зимски салон“ на ДЛУМ на тема „Интимност и меѓусебна поврзаност“, чија селекторка беше Оксана Карповец, кураторка од Украина.

Експерименталниот филм „Заглавени заедно“ (2020 г.), пак, е една поинаква приказна што отвора многу општествени прашања, ставајќи акцент на миграциите, движењето, патувањето, значењето на семејството и домот прикажани низ социјална призма. Овој видеозапис пренесува сериозна порака на меѓународно ниво, опипувајќи ја свеста за човечките судбини од различни држави, кои барајќи подобар живот и сопствено засолниште, остануваат заглавени во времето и просторот.

– Основната идеја е да се обидеме да го разоткриеме тој дискурс на актуелните миграциски случувања, да ги согледаме во еден поширок контекст, реализиран преку конкретна уметничка пракса, вели авторката.

Овој филм до сега беше прикажан на неколку меѓународни фестивали во официјална селекција и тоа  Sydney Short Film Festival 2021 (Australia) – Finalist,    Santorini Film Festival 2021 (Greece) – Finalist,   Rome Independent Prisma Awards 2020 (Italy) – Official Selection,
а на  ­Anarchy Film Festival 2020 (Manchester, UK) – Award Winner, каде беше и награден.

Тања Балаќ (Скопје, р. 1968) во 1991 г. дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на Одделот сликарство. Градејќи ги својот уметнички и професионален пат, во 2008 г. магистрира на истиот факултет. Членка е на Друштвото на ликовните уметници од 1991 година, а во периодот од 2006 до 2013 година е и негова претседателка. Од многубројните професионални посети надвор од границите на својата земја, значајно е да се издвои студиската посета во Париз во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство го збогатува и надградува со учество на многубројни меѓународни фестивали и изложби (Србија, Словенија, Шведска, Бугарија, Германија, Романија, Англија, Австрија, Франција…), на кои повеќепати има добиено меѓународни признанија и награди. Покрај сликарството, последната деценија активно истражува и на полето на новите медиуми. Активно се занимава со сликарство, како и со инсталации и експериментални и документарни филмови (видеоарт). Живее и работи во Скопје.

ПредходнаНова изложба на Киро Урдин во Белгија
СледнаТајсон ќе заработи богатство за мечот против инфлуенсерот Пол