Хард-рок групата „Кис“ го продаде својот каталог песни, заштитниот знак и интелектуалната сопственост на шведската компанија „Попхаус ентертејмент груп“. Зделката е проценета на нешто повеќе од 300 милиони долари.
На почетокот на декември, во Њујорк – од каде што оваа американска група и произлезе, „Кис“ го изведе последниот концерт од нивната проштална турнеја.
Ова не е прв пат бендот да соработува со музичката компанија, чиј соосновач е Бјорн Улвеус од „АББА“. Кога излегоа на сцената за нивниот последен настап во „Медисон сквер гарден“, на крајот од концертот, актуелните членови на „Кис“ – основачите Пол Стенли и Џин Симонс, гитаристот Томи Таер и тапанарот Ерик Сингер, претставија дигитализирани „копии“ од себе. Најсовремената технологија е создадена од компанијата за специјални ефекти на Џорџ Лукас – „Индастријал лајт енд меџик“ во соработка со „Попхаус“.
Овие две компании неодамна ги здружија силите и за шоуто „АББА војаж“ во престолнината на Велика Британија, Лондон.