Како што соопшти Агецијата за филм на Република Северна Македонија која го поддржа снимањето на филмот, Лист Продукција е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, додека Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
-„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно тричлено семејство кое, како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената која ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе отпочне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, додека долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина, соопшти Агенцијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, додека постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду. Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција Аудио Хаус и Слобода филм.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал годинава ќе го има 32-то издание кое ќе биде отворено токму со овој филм. Оваа програма е креирана во 1993 година и прикажува девет долгометражни филмови, фикција и документарци.
-Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата, се наведува во соопштението.