дома Балкан Во Грција уапсени 67 лица за спортско насилство и убиство на полицаец

Во Грција уапсени 67 лица за спортско насилство и убиство на полицаец

40

   За убиството на полицаец во декември минатата година за време на одбојкарски натпревар во Атина, но и за други инциденти поврзани со спортско насилство, грчката полиција уапси 67 лица, кои утрово ќе бидат изведени пред јавен обвинител, јави дописничката на МИА од Атина.

Началникот на грчката полиција Димитриос Малиос рече дека во изминатите четири месеци, во строга тајност била спроведена опсежна истрага за „целосно расчистување на криминалниот хулигански напад“ во атинската населба што резултираше со смрт на полицаецот.

– Произлегоа докази за криминална организација, составена од 158 членови, која, најмалку од 2019 година, извршила кривични и прекршочни дела и дејствувала главно во Атика, Волос и Јанина, рече Малиос и додаде дека во големата полициска акција во текот на вчерашниот ден биле извршени претреси во 58 домови и во 15 возила и запленети биле пиштоли, дрвени палки, ножеви, дрога, облека итн.

Уапсените 67 лица, од кои 63 се товарат за учество во насилство на спортски натпревари, утрово ќе бидат изведени пред јавен обвинител.

На 7 декември 2023 година пред пред спортска сала во атинска населба за време на одбојкарскиот натпревар Панатинаикос-Олимпијакос, 31-годишен полицаец беше сериозно повреден откако хулигани го нападнале со пиротехничко средство, кое го погоди во горниот дел од ногата и се запали, а 20 дена подоцна ја загуби битката и почина.

За инцидентите, тогаш беа приведени 424 лица, уапсен беше 18-годишен кој го фрлил пиротехничкото средство, а по сериозната повреда на полицаецот, грчката Влада воведе вонредни мерки за справување со спортското насилство.

ПредходнаПленковиќ преговара со десницата мнозинство во хрватскиот парламент
СледнаВо руски ракатен напад урната ТВ кулата во украинскиот град Харков