дома Политика ОБСЕ/ОДИХР со позитивна оценка за изборниот ден, процедурите за гласање се почитувале...

ОБСЕ/ОДИХР со позитивна оценка за изборниот ден, процедурите за гласање се почитувале во голема мера

49

  Првиот круг од претседателските избори беше конкурентен и гласачите можеа да направат информиран избор. Денот на изборите севкупно беше оценет позитивно при што во голема мера се почитуваа процедурите за гласање, додека во некои случаи при пребројувањето избирачките одбори не ги завршија целосно пропишаните процедури. Ова се прелиминарните заклучоци на меѓународната набљудувачка мисија за изборите составена од претставници на ОБСЕ/ОДИХР и Советот на Европа изнесени денеска на прес-конференција.

ОБСЕ/ОДИХР со позитивна оценка за изборниот ден,  процедурите за гласање се почитувале во голема мераЏилијан Стирк, шеф на мисијата ОБСЕ/ОДИХР во контекст на законската рамка истакна дека таа е основа за демократски избори, но оти не регулира во доволна мера некои од важните елементи на претседателската трка.

Посочи дека неодамнешните измени во Изборниот законик беа воведени преку процес на кој му недостасувало транспарентност и консултации со јавноста.

-Основните слободи беа почитувани во кампањата, но како што се приближуваше денот на изборите, а границите помеѓу претседателската и парламентарната трка почнаа да се замаглуваат, реториката стануваше се’ понегативна и во некои случаи дискриминаторска одразувајќи ја политичката фрагментација и етничките поделби, посочи Стирк.

Таа се осврна и на недоволната застапеност на, како што вели, жените во кампањата, како и на тоа дека ограничениот ангажман со жените гласачи покажал потреба од поголема посветеност на обезбедување нивна вклученост во политичкиот живот.

Во извештајот има наводи и за распределбата на средствата за кампања. – Поврзаноста на распределбата на средствата за кампања и медиумските можности со партиската припадност несразмерно ги фаворизираше кандидатите кои се поврзани со големите политички партии, наведе Стирк.

Во однос на изборната администрација таа нагласи дека и покрај нејзините ограничени човечки и технички ресурси, таа генерално уживала доверба на јавноста во поглед на нејзиниот технички капацитет и ефикасно управување со процесот во целост.

Меѓународната набљудувачка мисија ќе го проследи и вториот круг на претседателските избори заедно со парламентарните избори на 8 мај, а конечната оценка за претседателските и парламентарните избори ќе бидат објавени два-три месеци по завршувањето на изборите.  

 

 

ПредходнаДодик повика на „разговори на институционално ниво за одвојување“
СледнаВархеји: Благодарност до ЕП за усвојувањето на Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, веднаш го ставивме во функција