дома Uncategorized Победници и губитници на изборите за претседател

Победници и губитници на изборите за претседател

51

Претседателот на Институт за демократија, Марко Трошановски за ДВ анализира дека по првиот круг на претседателските избори на површина испливаа неколкумина губитници и победници. Дали е можно чудо во вториот круг?

Претседателот на Институт за демократија, Марко Трошановски за ДВ анализира дека по првиот круг на претседателските избори на површина испливаа неколкумина губитници и победници. Чудо во вториот круг, според него, е тешко да се очекува.

Кои се победници?

Најголемата победа во вториот круг оди на адреса на професорката Гордана Сиљановска Давкова која со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ се обидува да стигне до престижната функција на Водно. Двојното водство пред Пендаровски и победата во дури 60 општини и дава ветер во грб пред „двобојот“ на 8 мај, кога ќе се одржи вториот круг на претседателските избори.

„Јас се уште не сум свесна што се случува“, рече Сиљановска откако во средата (24.04) стана извесно дека таа исплива прва на листата. „Немам зборови со кои можам да ја изразам благодарноста, дури се срамам зарем е можно толку луѓе вака да реагираат. Не мислам дека сум посебна од многу работи, само знам дека она што ќе го ветам ќе го остварам на мој начин. Жените беа моја инспирација и јас нивна“, порача таа по завршувањето на изборниот ден и  пребројувањето на гласовите.

Втор обид

Ова е втор обид на Сиљановска и Пендаровски да ги одмерат силите пред гласачкото тело. На претседателските избори во 2019 година, Пендаровски во првиот круг водеше со 322.581 гласови, наспроти Сиљановска која ја доби поддршката од 318.341 граѓани.

Меѓу победниците на првиот круг на претседателските избори, според Трошановски можат да се вбројат уште неколку политичари и партии. ДУИ, и покрај тоа што е долго на власт и зад себе има бројни „опашки“ и афери, со претседателскиот кандидат Бујар Османи покажа дека и понатаму го држи приматот на средините со албанско население. Претседателскиот кандидат на „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ, Бујар Османи, има предност во 16 општини во земјава во однос на Арбен Таравари, кандидат на коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците.

Партијата веќе прослави на плоштадот „Скендербег“ во Скопје. Оценија дека станува збор за спектакуларна победа, која е увертира во парламентарните избори. „Славиме дека ќе победиме со над 20 пратеници на 8 мај, на претседателските и парламентарните избори. Ќе славиме ослободување на Чаир, на Тетово, на Гостивар, на Желино и на сите други окупирани општини со помош на ВМРО-ДПМНЕ, Левица, Додик, Путин и Вучиќ. Денеска е ден на ослободување, како што ќе биде и 8 мај, ден пред Денот на Европа“, рече Груби, откако беше објавено дека нивниот кандидат за претседател Бујар Османи е на третото место, со освоени 120.903 гласови.

Позитивен исход за Таравари и Димитриевски

Но, и Таравари, според нашиот соговорник, може да се смета за победник на претседателските избори. Ефектот од поделбата на Алијанса за Албанците, чиј еден табор предводен од Зијадин Села се приклучи ко Европскиот фронт на ДУИ, а другиот предводен од Арбен Тарабари стана дел од албанската опозиција, очигледно е повеќе позитивен за блокот „ВРЕДИ“, каде што се слеани околу 80 илјади гласови, колку што Алијанса за Албанците имаше на последните парламентарни избори.

Таравари како претседателски кандидат освои 83.356 гласови, а Алијанса за Албанците во соработка со Алтернатива на предвремените парламентарни избор во 2020 година имаше освоено 81.620 гласови, со што обезбедија 12 мандати во парламентот.

Позитивен исход од изборите има и на сметката на кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски, кој со 83.787 гласови го „претрка“ Таравари. „Максим Димитриевски со новоформираната партија ЗНАМ се позиционираше како сериозен фактор во идните калкулации за влада“, вели Трошановски.

Димитриевски, некогаш кадар на СДСМ, по изборните резултати оцени дека во македонскиот политички блок е родена третата политичка сила која ја испишува новата политичка историја. По парламентарните избори на 8 мај, тој смета дека Движењето ЗНАМ ќе стане политички фактор на стабилност во државата без кој нема да може да се формира идната влада.

Кој потфрли?

Но, покрај неколкуте партии кои имаат причина за славење, дел неочекувано потфрлија на седмите по ред претседателски избори во земјата, коишто се смета дека ќе бидат увертира во парламентарните избори на 8 мај.

„Лошите резултати на СДСМ се исто толку неочекувани, како што им беше неочекувана и победата на ВМРО-ДПМнЕ според изборните резултатите постигнати во првиот круг од претседателските избори. СДСМ досега немале под 200 илјади гласови на претседателските избори во првиот круг. Ова им е најнизок крах досега, најблиску бил само Љубомир Фрчкоски со 202 илјади гласови кога се кандидираше за претседател“, вели Трошановски.

На изборите во 2009 година, Љубомир Фрчкоски како кандидат на СДСМ за претседател имаше освоено 202.691 глас во првиот круг на претседатлските избори на кои во вториот круг победи Ѓорге Иванов од ВМРО-ДПМНЕ.

Пендаровски не криеше дека е разочаран од резултатите кои не се такви какви што очекувале. Иако очекувале дека разликата е помала, тој порача дека „не се предаваат“. „Утре е нов ден“, порача кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски.

Подобри резултати во вториот круг очекува и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски. „Луѓето нè казнија и тоа го прифаќаме. Ова е тежок удар за европската перспектива, но не е доцна да се смени правецот. Откажувањето не е опција за нас, нема да се откажеме од европската иднина“, рече тој по соопштувањето на првичните резултати од изборите.

„И Левица значително потфрли во очекувањата“, вели Трошановски. Оваа партија, според него е вториот поголем губитник на преттседателските избори. Нивната кандидатка, според податоците на Државната изборна комисија освоила 41.262 гласови, со што се најде претпоследна на листата.

„Мојата цел не беше да победам, туку да вознемирам една застојана елита – колку успеав, ќе видите наскоро“, порача Ванковска на Фејсбук. Вели дека е среќна за можноста што и ја даде Левица да зборува слободно, чесно, отворено и радикално. „Народот очигледно не е подготвен за тоа. Мојата цел беше не да победам, туку да вознемирам една застојана елита. Колку успеав, ќе видите наскоро. Не сакам да бидам пророчица, но новиот претседател ќе се соочи со сето она за што предупредував“, вели Ванковска.

Изборите не беа успешни ниту за градоначалникот на Карпош и лидер на ГРОМ, кој ќе остане запеметен по тоа што освои помалку гласови, отколку што доби граѓански потписи за поддршка на кандидатурата. Јакимовски во неговата општина Карпош освои само шест проценти од гласовите. Од вкупно 8.013 гласови, во општината со која раководи има добиено поддршка од 2.143 гласачи. Четворица кандидати за претседател имаат повеќе гласови од него, меѓу кои Ванковска и Димитриевски.

Дали е можно чудо во вториот круг?

Многу е малку веројатно дека ќе се случи чудо во вториот круг. Дополнително што голем дел од гласовите од ЗНАМ и од Левица сега ќе се слеат кон десното конто, вели Трошановски.

Пендаровски веќе најави дека нема да бара никаков договор со ниту еден политички субјект или со кандидат од оние кои не продолжуваат во вториот круг за механичко префрлање на гласовите.

Тоа е концепт кој е потполно туѓ за моето политичко верување. Никогаш
не сум го правел тоа, никакви заткулисни договори. Ниту во 2014 ниту во 2019 година не сум го правел тоа, со ниту еден политички лидер, со ниту една политичка партија, за да механички преземам гласови од која било етничка заедница, од која било општина. Тоа нема да го правам ни сега. Се надевам далеку поголема бројка ќе го препознае мојот концепт како најдобар и најпродуктивен за развој на македонската држава“, порача актуелниот претседател.

Но, Трошановски вели дека во првиот круг голем број од луѓето очигледно ги казнија СДСМ. „Излезноста е ниска, што остава простор во вториот круг голем дел од луѓето дополнително да се мобилизираат да гласаат, но со веројатност дека повеќето од тие гласови ќе одат на контото на Гордана Сиљановска, поради психологијата на победникот – луѓето се склони да се приклонуваат кон оној што победува и води“, додава нашиот соговорник.

ПредходнаОСМАНИ ПОБЕДИ ВО БЕРЛИН И МИНХЕН, ПЕНДАРОВСКИ ВО ВАШИНГТОН, А ТЕСНА БИТКА СЕ ВОДЕЛА МЕЃУ СИЛЈАНОВСКА И ВАНКОВСКА ВО ЉУБЉАНА
СледнаГир: Првиот круг од изборите мина генерално мирно и демократски