Палестинскиот претседател Махмуд Абас и неколку меѓународни претставници ќе одржат разговори во Ријад со цел постигнување мировен договор за Појасот Газа. Разговорите ќе се одржат во рамки на состанокот на Светскиот економски форум (СЕФ), кој се одржува утре и задутре во Ријад, соопшти денеска претседавачот на Форумот.
– Главните учесници моментално се во Ријад и се надеваме дека дискусиите ќе доведат до процес на помирување и мир, изјави претседавачот и шеф на норвешката дипломатија Бјорг Бренде на прес-конференција во главниот град на Саудиска Арабија, додавајќи дека на дневен ред ќе биде хуманитарната криза во Газа.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ќе се приклучи на средбата, заедно со регионалните лидери, вклучително и премиерот на Катар, министерот за надворешни работи на Саудиска Арабија, принцот на Оман и владини претставници од Бахреин, прецизираше Бренде.
Египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри, исто така, ќе биде таму за да ги информира официјалните претставници за рундата разговори кои египетските преговарачи ги одржаа вчера во Израел во обид да се обноват напорите за ставање крај на војната во Газа и ослободување на преостанатите израелски заложници, додаде Бренде.
– Сега има одреден моментум на преговорите за заложниците, како и евентуален прекин на огнот, додаде тој.
Околу 1.000 глобални лидери од 92 земји ќе се сretnat во Ријад, Саудиска Арабија, на специјалниот состанок на Светскиот економски форум (СЕФ) за глобална соработка, раст и енергија за развој.