дома Бизнис Годишната стапка на инфлација во Турција се зголеми на речиси 70 отсто

Годишната стапка на инфлација во Турција се зголеми на речиси 70 отсто

4

   Годишната стапка на инфлација во Турција во април се зголеми од мартовските 68,5 отсто на 69,8 отсто, објави денеска Турскиот институт за статистика Туркстат.

Инфлацијата во Турција сега е највисока од ноември 2022 година.

Во април најмногу пораснале цените во секторот образование на годишно ниво, за 103,86 отсто, како и цените на услугите во хотелите, кафулињата и рестораните за 95,82 отсто или цените на превозот за 80,39 отсто.

Храната и безалкохолните пијалоци поскапеле за 68,5 отсто, алкохолните пијалаци и тутунот за 78,53 отсто, а облеката и обувките за 51,2 отсто.

На месечна основа инфлацијата е зголемена за 3,18 отсто во однос на март, се наведува на веб-страницата на Туркстат.

Годишната стапка на базичната инфлација во Турција се зголеми и во април, од 75,21 отсто во март на 75,81 отсто.

Централната банка на Турција на 25 април одлучи да ја задржи референтната каматна стапка на 50 отсто.

„Основниот тренд на месечна инфлација во март, и покрај падот, беше поголем од очекуваното“, се посочува во соопштението на Комитетот за монетарна политика на Банката.

Увозот на стоки за широка потрошувачка и злато е забавен, што го подобри салдото на тековната сметка на Турција, но домашната побарувачка во Турција и натаму е „отпорна“, се вели во извештајот.

Инфлаторните притисоци и натаму се присутни поради инфлацијата во услужниот сектор, растот на цените на храната и геополитичките ризици, заклучува Централната банка на Турција.

ПредходнаПреку еднаков број на жени во тимот до поуспешно учество на Олимписките игри
СледнаАнкета на ИРИ: Западен Балкан го губи трпението поради чекање за влез во ЕУ