дома Политика СДСМ на Ковачевски доживеа потоп

СДСМ на Ковачевски доживеа потоп

3

Историски пораз на СДСМ и огромна победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори. Победа на ДУИ, но и најдобар резултат на албанската опозиција во изминатите две децении.

СДСМ за првпат станува трета политичка сила во македонскиот парламент, со оглед на тоа што ДУИ освои едно пратеничко место повеќе од нив.

Првичните официјални резултати од изборите покажуваат дека опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ освои над 431 илјада гласови, односно 58 пратеници, коалицијата на СДСМ над 153 илјади гласови, односно 18 пратеници, коалицијата на ДУИ над 137 илјади гласови односно 19 пратенички места, опозициската коалиција Вреди скоро 107 илјади гласови или 13 пратеници, Левица над 67 илјади гласови односно 6 пратенички места и Движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски над 55 илјади гласови и шест пратеници.

Левица освои 26 илјади гласови повеќе од нивната кандидатка Билјана Ванковска во првиот круг од претседателските избори, а ЗНАМ 28 илјади гласа помалку од нивниот претседателски кандидат Максим Димитриевски во првиот круг.

Сепак, неизвесно е дали ова ќе бидат конечните изборни резултати, со оглед на тоа што еден пратеник во петката цела ноќ се клацкаше меѓу ДУИ и СДСМ, а еден пратеник во двојката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ. Резултатите цела ноќ се менуваа во корист на едната, па на другата страна. ДУИ може да загуби едно место во корист на СДСМ, а ЗНАМ едно во корист на ВМРО-ДПМНЕ.

Течат роковите за жалби по што треба да се официјализираат резултатите. Ако не некои избирачки места има прегласување, или грешка во пребројувањето, резултатот може да се промени. Со оглед на донтовиот модел на пресметка, десетина гласови може да одлучат кој да добие пратеник.

Ова е историски најлош изборен резултат на СДСМ од независноста на Македонија, и по бројот на освоени гласови и по бројот на пратенички места. СДСМ сега освоија 65 илјади гласови помалку од најлошата по гласови 2008, и дури 9 пратенички места од досега најлошата 2006 година кога имаа 27 пратеници. Владејачката коалиција не победи во ниту една општина.

Во Кисела Вода и во Куманово, СДСМ е на трето место во македонскиот блок. Втори се Левица, односно ЗНАМ.

ВМРО-ДПМНЕ во Собранието ќе има 40 пратеници повеќе од СДСМ, што исто така е историски најголема разлика.

Сепак, и покрај огромната победа, ова не е историски најдобриот резултат на ВМРО-ДПМНЕ. На четири изборни циклуси, во 2008, 2011, 2014 и 2016 година, ВМРО-ДПМНЕ освојуваше повеќе гласови од сега. Во 2008 партијата освои 63 пратеници, а во 2014 61 пратеник.

Во албанскиот блок победи ДУИ со 19 пратенички места, со што го повтори најдобриот резултат од 2014 година. Сепак, ова не е најголем број гласови што ги освои ДУИ. Во 2002 и во 2014 година, имаше повеќе гласови од сега. Албанската опозиција, пак, на овие избори оствари најдобар резултат во изминатите две децении со 107 илјади гласа и 13 пратенички места.

Коалицијата Вреди победи само во единицата, а ДУИ однесе победа во останатите изборни единици. Од поголемите општини, Вреди победи во Чаир и во Тетово, а ДУИ во Сарај, Гостивар, Кичево и во Струга. Најголема разлика во гласови во однос на албанската опозиција ДУИ прави во петтата изборна единица.

Гром на Стевчо Јакимовски има 4.543 гласа или 0,46 отсто, а Нова Алтернатива на Данела Арсовска освоила 3.438 гласа или 0,34 отсто.

Политичка партија АВАЈА, која е ромска, освоила 2.909 гласа или 0,29 отсто од гласовите, а Твоја партија има 1.738 гласа или 0,17 проценти. Единствена Македонија има 1.680 гласа или 0,17 отсто, Родина Македонија 1.092 или 0,11 отсто, Македонска Ера Трета – Суверенисти имаат 958 или 0,10 отсто, Политичка партија ДЕМОКРАТИ Скопје имаат 904 гласа или 0,09 отсто, Работничка партија има 437 гласачи или 0,04 отсто, Европско граѓанско движење со 241 или 0,02 отсто.

А, она што мора да се издвои и посебно зачудува, е кои се тие 527 лица кои гласаа за политичката партија Десна на Љупчо Палевски, кои освоија 0,05 отсто.

На претседателските избори, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска – Давкова оствари убедлива победа против актуелниот претседател Стево Пендаровски поддржан од СДСМ, со 560 илјади наспроти 251 илјада гласови. Ова се најмногу гласови во вториот круг на претседателските избори од 1999 година, кога Борис Трајковски освои над 580 илјади. Историски најголемата победа е на изборите во 1994 година со над 715 илјади гласови на Киро Глигоров во вториот круг, наспроти Љубиша Георгиевски кој освои помалку од 200 илјади.

ПредходнаИзбори во Северна Македонија: Политички земјотрес за враќање во минатото или нова надеж
СледнаПо Битиќи и Костадинов и Тренчевска се повлекува од партиска функцијата