дома Избрано „Еурактив“: Случувањата на инаугурацијата на Сиљановска-Давкова ја вознемирија ЕПП

„Еурактив“: Случувањата на инаугурацијата на Сиљановска-Давкова ја вознемирија ЕПП

45

    Некористењето на официјалното име на земјата од страна на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за време на нејзината инаугурација, предизвика реакции низ Европа и особена вознемиреност во редовите на десноцентристичката Европската народна партија (ЕПП), чија членка е и ВМРО-ДПМНЕ, оцени „Еурактив“.

Бриселскиот информативен портал наведува дека работите се отидени дотаму што дури генералниот секретар на ЕПП, Танасис Баколас, инаку член на грчката Нова демократија (НД), не и ни честиташе на ВМРО-ДПМНЕ за победата на минатонеделните претседателски и парламентарни избори.

– Нивните намери се целосно разоткриени со овој инцидент, изјави извор во ЕПП за „Еурактив“, додавајќи дека по изборите за членови на Европскиот парламент во јуни, партијата ќе спроведе внатрешно „генерално чистење“ во однос на членувањето на некои партии, при што ВМРО-ДПМНЕ е на врвот на листата за прочистување.

На инаугурацијата лично реагираше и „шпиценкандидатката“ на ЕПП за Евроизборите и актуелна претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која во објава на Икс предупреди дека за продолжување на „својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ“, најважно е Северна Македонија „да продолжи со реформите и со целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.

Главниот портпарол на Еврокомисијата за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано вчера запрашан за ставот на ЕУ околу неупотребата на уставното име на земјата од страна на Сиљановска-Давкова за време на инаугуративната церемонија, потенцира дека позицијата на Унијата јасно е искажан во објавата на Фон дер Лајен на Икс и во соопштението на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), која изрази жалење поради настанот.

– ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција, беше посочено во реакцијата на ЕЕАС.

Стано нагласи дека ЕУ искрено смета, очекува и верува оти новите власти на Северна Македонија „ќе продолжат да испорачуваат“, ќе покажат посветеност на европската иднина на земјата и ќе продолжат по успешниот пристапен пат.

– Ние очекуваме со нетрпение да соработуваме со новоизбраните власти во Северна Македонија, и со претседателката, и со новата Влада, во помошта на земјата да продолжи со напредокот и да ги испорача очекувањата што ги постави ЕУ на пристапниот пат на Северна Македонија, изјави Стано.

Извор во ЕУ за „Еурактив“ посочи и дека е „лошо да се започне мандатот на функција со отфрлање на еден од клучните предуслови за напредокот на државата“ во пристапниот процес, но според него, новите власти имаат можност да ги убедат сите во Европската Унија дека се посветени на европската иднина на нивната земја.

– Она што се очекува од Северна Македонија беше јасно посочено во најновиот Извештај за проширувањето од минатата есен. Извештајот вели дека во однос на регионалната соработка, земјата одржува добри односи со другите земји опфатени со процесот на проширување и го продолжи својот ангажман во регионалните иницијативи. Постојните билатерални договори треба да се спроведат со добра волја од сите страни, вклучително и Договорот од Преспа меѓу Северна Македонија и Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и Соработка со Бугарија, вклучувајќи ги неговите протоколи. Тоа се очекувањата на ЕУ, додаде Стано.

На случувањата во неделата реагираше и грчкиот премиер и лидер на сестринската партија на ВМРО-ДПМНЕ, Нова демократија (НД), Киријакос Мицотакис, кој постапката на Сиљановска-Давакова ја оцени како „нелегална“.

– Таа го прекрши Договорот од Преспа, како и Уставот на нејзината земја, рече Мицотакис, чија Нова демократија се спротивставуваше на Договорот додека беше во опозиција, но потоа го прифати кога дојде на власт.

На ваквиот став на Мицотакис реагираше опозициската партија Сириза, за време на чие владеење беше склучен Договорот, обвинувајќи го премиерот за лицемерие со оглед на неговото првично противење на промената на името на земјава и за тоа што во грчкиот Парламент се уште чекаат на усвојување трите протоколи за соработка, кои се дел од Договорот.

На ставот на Атина реагираше и албанскиот премиер Еди Рама кој прокоментира дека „старите навики тешко умираат, а старите балкански навики уште потешко“.

– Ќе продолжиме да се бориме за повеќе Европа и помалку Балкан во нашето соседство. Тоа значи да се размислува за заедничкото минато со очите на иднината и да не се замаглува заедничката иднина со очите на минатото, изјави Рама за „Еурактив“.

ПредходнаМеѓународната заедница очекува Северна Македонија да ги почитува билатералните договори, реакции по свечената заклетва на Сиљановска-Давкова
СледнаНиколоски на 10. Економски и финансиски дијалог со ЕУ: Реформите остануваат клучни за напредокот во евроинтеграциите, РС Македонија во 2023 со најдобра оценка