На одредени локации во градот, екипите на „Чистота и Зеленило“ косат и средуваат. Сепак, граѓаните реагираат дека тревата е висока, наизменичните топли и врнежливи денови, дополнително ги зголемуваат можностите од наезда на комарци и други инсекти. Од Општината велат дека постапките се завршени и дека се очекува склучување на договори со избраните компании.
-Постапките за јавна набавка за авионско третирање против комарци и за дезинсекција, дератизација, прскање против крлежи и ларвицидна дезинсекција се завршени и се во фаза на склучување на договори со избраните понудувачи. Се очекува веќе од следата недела да се отпочне со третирање против инсекти (комарци, крлежи, а воедно и да се врши дератизација по однапред утврден план и програма, велат од Општината.
Претходните години според статистиката на Општината договорите се склучувале во март, а третирањето почнува во април. Општина Куманово со години наназад спроведува и авионска и терестичка дезинсекција, за што одвојува најмалку два милиони денари. Постапките се спроведуваат во неколку наврати годишно, се третираат површини покрај градскиот кеј, парковите, по теченијата на реките.