Во Изборната единица 5 прифатени се приговорите за избирачките места 1272 во Охрид, 1194 и 1202 во Крушево, 1844 во Струга, 1470 и 1470/1 во Долнени, а во Изборната единица 6 прифатен е еден приговор за избирачкото место 2101 во Желино.
Против одлуката на ДИК, како што информираа оттаму вчера, може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.
Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ вчера најави дека до Управниот суд ќе ги обжали донесените одлуки за приговорите што се однесуваат за Петтата и Шестата изборна единица.
– Веќе ги алармиравме сите надлежни институции и меѓународниот фактор бидејќи имаме точни информации дека во петокот преку политички притисок им биле дадени партиски инструкции на членовите на Државната изборна комисија од нивното седиште. Нагласуваме дека овие дејствија претставуваат кривични дела и „Европскиот фронт“ ќе ги преземе сите неопходни мерки и ќе ги искористи сите демократски форми за заштита на слободниот глас на граѓаните. Во таа насока, веднаш по донесувањето на одлуката истото ќе го обжалиме и до Управниот суд, рече на прес-конференција Елми Азири од „Европски фронт“.
Азири оцени дека „донесената одлука за прегласување на некои избирачки места во Петтата и Шестата изборна единица е неправедно и со надгласување како во времето на едноумието“.
Од коалицијата „Храбро за Македонија“, пак, тврдат дека „од три избирачки места им се украдени повеќе од 600 гласови во изборните единици 1, 2 и 5 и тие им се префрлени на коалициите „Вреди“ и „Европски фронт“. Најавија тужба до Управниот суд, како и кривична пријава против претседателот на ДИК Александар Даштевски, а не е исклучена, како што нагласија, и кривична пријава против ДИК.
Претседателот на ГРОМ Стевчо Јакимовски изјави дека во овој изборен инженеринг е вклучена и ДИК и оти не поднеле приговори..
– Каде да поднесеме приговори кога ова е направено во самата ДИК? Приговори се поднесуваат за тоа што се случувало на гласачкото место. Од каде ќе претпоставите дека ќе ве украдат од ДИК? Некој за ова мора да заврши во затвор, рече Јакимовски.
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Влен“ ги формираа работните групи за продолжување на разговорите за евентуално коалицирање во идната влада и се очекува денеска да ја одржат првата средба.
Од „Влен“ за МИА потврдија дека работните групи од двете партии денеска ќе ја одржат првата средба и најавија дека имињата на претставниците во работните групи ќе ги споделат преку соопштение.
ВМРО-ДПМНЕ и „Влен“ во саботата ги договорија општите начела за соработка и таа ќе се базира на три постулати – евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. На средбата присуствуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со партиските потпретседатели и лидерите од партиите во Коалицијата „Влен“ – Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.
Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ има освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата „Европски фронт“ предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, 18, Коалицијата „Влен“ 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати.