„Прашањата поврзани со ова беа предмет на долги дискусии во рамки на дијалогот што го води Европската унија. Оваа акција не е координирана со меѓународните партнери и ги ескалира тензиите. Тоа ја поткопува перцепцијата за добрата волја на Косово во решавањето на отворените прашања со Србија преку дијалогот предводен од ЕУ“, одговори неименуван портпарол на Стејт департментот за ВоА.
Косовската полиција претходно соопшти дека во понеделникот (20 мај, 2024) на северот на Косово се затворени шест филијали на банката Поштенска штедилница. Како што се наведува, на банките се поставени официјални знаци за нивно затворање, а сите „натамошни полициски дејствија ќе се спроведуваат во соработка и координација со правосудните органи“
Стејт департментот ја повтори „јасната загриженост“ на САД во врска со спроведувањето на изменетата регулатива на Централната банка на Косово, која забранува увоз и употреба на динари во Косово.
„Ја повикуваме владата на Косово да се врати на конструктивен ангажман во дијалогот со посредство на ЕУ како соодветен канал за решавање на прашањата поврзани со нормализацијата на односите меѓу Косово и Србија и да одговори на основните потреби на сите нејзини граѓани – вклучително и на оние од српското малцинство – негативно погодено од неодамнешните промени на валутните регулативи“, додаваат од американската дипломатија.
Почнувајќи од 1 февруари, владата побара од областите во кои доминира етнички српско малцинство на Косово да го усвојат еврото, кое се користи во остатокот од земјата, и ја укина употребата на српскиот динар.
Приштина го одложи овој потег за околу три месеци, по притисокот од Европската унија и од САД, загрижена дека одлуката негативно ќе влијае на етнички српското малцинство во северно Косово.