За партиските избори е потребна понуда на конкретни програми од сите што се кандидираат за да се дискутира за нив, како и да им се овозможи на луѓето да се изјаснуваат без притисок и без пазарење. Потребно ни е обединување околу процесот на рехабилитација на партијата, вели Јован Деспотовски, кандидат за претседател на СДСМ
Тројца функционери од СДСМ засега јавно ги потврдија своите амбиции да застанат на чело на партијата на непосредните партиски избори што се закажани за 30 јуни – Јован Деспотовски, актуелен директор на ТИРЗ, Стефан Богоев, директор на Царина, Славјанка Петровска, пратеничка и министерка за одбрана во заминување, а како четврти сериозен кандидат се споменува и пратеникот Венко Филипче.
Вчеравечер Централниот одбор на партијата донесе правилник за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на претседател на СДСМ за вонредните избори, како и правилникот за начинот и постапката за активна регистрација за членови на СДСМ. Врз основа на Статутот на партијата, вчера СДСМ објави отворен повик за самокандидирање на сите заинтересирани кандидати, кои имаат рок од седум дена, до 6 јуни, да ги поднесат своите кандидатури за партиски претседател. Според критериумите, за лидер може да се пријави оној што е најмалку пет години член на СДСМ и кој најмалку еднаш бил избран од конгресот за член на некој од партиските органи.
Од партијата информираа дека сите документи поврзани со партиските избори се достапни на партиската веб-страница.
– Изборите ќе ги спроведе Централна изборна комисија заедно со 80 општински изборни комисии и одбори на избирачки места на локално ниво. Можност за гласање ќе имаат сите членови на СДСМ што активно ќе се регистрираат. Периодот за активната регистрација е зголемен и изнесува 20 дена. Членовите ќе можат активно да се регистрираат преку две опции, преку онлајн алатката за активна регистрација што ќе биде достапна на интернет-страницата на СДСМ в понеделник (3.6.2024) или преку општинските организации на СДСМ. СДСМ е прогресивна модерна европска партија. Овој процес ќе биде направен по највисоките демократски и организациски стандарди – соопшти партијата.
Следната седмица, во недела на 9 јуни, пак, е закажан отчетниот Конгрес на СДСМ.
– Покрај анализите на причините за изборниот резултат, Централниот одбор предлага и измени на Статутот на партијата за мандатот на претседателот избран на вонредни внатрепартиски избори да биде четири години – соопшти СДСМ.
На Конгресот се очекува партискиот претседател во оставка и поранешен премиер Димитар Ковачевски да даде отчет за сработеното во премиерскиот мандат и за лошиот изборен резултат од само 18 пратеници, што е најслаб резултат досега на големата македонска партија.
Деспотовски: Избори без притисок и без пазарење
Прв од сите можни кандидати што се изјасни дека не ги крие своите амбиции за лидер на СДСМ е Јован Деспотовски, актуелен директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони.
– Ќе се кандидирам за претседател на партијата, кандидатурата ќе ја поднесам во зависност од роковникот. Се подготвувам, имам свој тим од десетина луѓе што работат да се организира фер изборен процес, а дел од тимот работи на мојата програма. За партиските избори е потребна понуда на конкретни програми од сите што се кандидираат, за да се дискутира за нив, како и да им се овозможи на луѓето да се изјаснуваат без притисок и без пазарење. Потребно ни е обединување околу процесот на рехабилитација на партијата – изјави Деспотовски за „Слободен печат“.
Претходно тој на социјалните мрежи објави дека треба да се дефинираат причините за она што му се случило на СДСМ на последните парламентарни избори, односно каде се изгубила позитивната енергија што ја имале пред неполни осум години и како успеале да ја изгубат довербата на граѓаните. Следното раководство на партијата, според него, прво треба да работи со членството и со граѓаните за да ги поттикне да ги слушаат што зборуваат, а потоа да ја вратат довербата. Тој најави нов смел концепт за повторното раѓање на СДСМ, кој е втемелен на „ние“, а не на „јас“ со цел да обединува, а не да фаворизира. Дел од новитетите што ќе ги понуди Деспотовски е што кандидатите за клучни позиции, како пратеник или градоначалник, ќе се избираат од членовите, а не од раководството, за да бидат одговорни кон луѓето, а не кон лидерот и партиската елита.
Пратеничката Славјанка Петровска деновиве исто така во медиумите ја најави својата можна кандидатура на партиските избори. На новинарско прашање дали не чувствува одговорност за изборниот пораз, Петровска одговори дека има помала одговорност од другите партиски функционери.
И потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, актуелен директор на Царина и поранешен пратеник и градоначалник, изјави дека размислува да се кандидира.
– Сметам дека во овие 16 години сум ги поминал буквално сите скалила во партијата по природен пат, а и во државата, и сум бил дел од сите клучни процеси во партијата, како Отпорот, Вистината за Македонија, Шарена револуција и низ сите тие процеси, години и скалила, сум стекнал големо искуство и пријателства во партијата. Оттука, сметам дека сум способен за лидер на СДСМ, а наскоро ќе одлучам дали ќе тргнам по тој пат сега. Најбитно е партијата да избере тим што ќе го зачува јадрото на СДСМ, а не само претседател – изјави деновиве Богоев за медиумите.