Работилница насловена „Дисеминација на бизнис модели за третман на био-отпад од производство на грозје и вино“, ќе се одржи денеска во Демир Капија.
Четири бизнис модели, за производство на брикети, пелети, био-ѓубриво, брашно и масло, како и можностите за основање јавно-приватно партнерство, ќе бидат презентирани пред сопствениците на лозови насади и винарии, кои ќе имаат можност да ја споделат и својата експертиза и проблемите со кои се соочуваат во праксата, при третман на генерираниот био-отпад. Дополнително, ќе биде претставен и успешно пилотираниот модел за производство на брикети од лозови гранки, како позитивен пример за циркуларна економија на локално ниво.
Билјана Матевска од Центар за истражување и креирање политики, како проектен координатор, нагласува дека најголемиот дел од био-отпадот кој се генерира при производство на грозје и вино во моментов се третира нееколошки. Притоа подвлекува, дека околу 40 проценти од вкупниот отпад се согорува на отворено, предизвикувајќи деградација на земјиштето и загадување на воздухот и подземните води. Таа истакнува дека оваа пракса, претставува голем еколошки проблем што бара дополнителни напори, време и инвестиции од страна на властите и бизнисите.
– Покрај тоа, конвенционалните третмани на отпадот од винариите стануваат сè поскапи, изискувајќи дополнителни ресурси за негово безбедно одлагање. За остварување на заедничката цел за придонесување кон намалувањето на загадувањето на животната средина во Тиквешкиот регион, како резултат на нееколошките практики за третман на био-отпадот од производство на грозје и вино, како и промовирање на неискористените потенцијали на циркуларната економија, во рамките на проектот ,,Развој на систем за управување со органски отпад во производство на грозје и вино во тиквешки регион“ имплементиран од GIZ ORF MMS, Винарија Бовин и Центар за истражување и креирање политики, се организира првата работилница, појаснува Матевска.
На работилницата ќе учествуваат и претставници од општината, јавното комунално претпријатие, инспектори за животна средина, како клучни чинители во целокупниот систем за управување со био-отпадот во Тиквешкиот регион.