Техничкиот преглед и натамошната истрага ќе утврдуваат што се случило и како настанал пожарот, велат од претпријатието чиј автобус се запалил
Нема повредни ученици во денешниот инцидент во Србија, во кој автобус кој пренесувал деца од екскурзија се запалил, пренесуваат српските медиуми.
На местото каде се запалил автобусот, на 12 километри од Врњачка бања, веднаш пристигнале пожарникарите и пожарот бил изгаснат.
Во моментот на пожарот во автобусот имало 76 патници и сите безбедно го напуштиле автобусот.
Српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ изјави дека е изгаснат пожарот во автобусот кај Врњачка Бања, кој превезувал ученици од Младеновац на екскурзија.
„Изгаснат е пожарот на двокатен автобус што се случи во местото Станишиќи, кај Врњачка Бања. Автобусот превезувал ученици од шесто одделение на основното училиште ‘Момчило Живојиновиќ’ од Младеновац, кој вчера отишол на дводневна екскурзија“,вели Дачиќ.
Од компанијата што ги превезувала децата, во изјава за Н1, велат дека истрагата ќе утврди како настанал пожарот.
„Штом го забележал пожарот, возачот веднаш го запрел возилото и сите деца биле веднаш отстранети и евакуирани. Никој не е повреден и тоа е најважно, најважна е безбедноста на децата. Техничкиот преглед и натамошната истрага ќе утврдуваат што се случило и како настанал пожарот. Сè уште не знаеме дали можеби причината била некоја запалива материја што ја имале децата со себе во автобусот“,наведуваат од дирекцијата на претпријатието чиј автобус се запалил.
Пожарот, како што пренесуваат медиумите, избувнал во моторниот простор на автобусот. Инцидентот бил пријавен околу 14:10 часот.