дома Култура  Агенцијата за филм се ставила во лажен филм дека е над сите...

 Агенцијата за филм се ставила во лажен филм дека е над сите закони

42

Десетина можни кривични дела злоупотреба на службената положба или несовесно работење на службата заради кои е оштетен државниот буџет, случаи на непотизам и клиентелизам, потенцијална корупција и флагрантно непочитување на законите утврди Работна група за утврдување на состојбите во Агенцијата за филм (АФ), формирана од министерот за култура, која контролата ја извршила во текот на април и мај 2024 година. „Слободен печат“ го поседува извештајот на работната група, што до Министерството е доставен на почетокот на овој месец, а со кој се потврдени и проширени наодите на Државниот завод за ревизија, Анрикорупциската комисија, Транспаренси интернешнел, како и претходните негативни мислења на самото Министерство за работата на Агенцијата за филм, која е владин орган согласно Законот за филмска дејност.

Во периодот за кој се однесува извештајот, од 2017 година до денес, директори на Агенцијата именувани од Владата се Горјан Тозија, Бојан Лазаревски и Владимир Ангелов, кој е на чело на институцијата од февруари 2024 година. Најголем дел од законските прекршувања се случиле во периодот кога директорувал Лазаревски, кој претходно бил член на УО на Агенцијата. Владата, иако знаела за лошиот учинок на Агенцијата и имала основ да го разреши Лазаревски затоа што не ги усвојувала годишните извештаи, тоа не го сторила.

– Владата не ги усвојуваше извештаите за работа на АФ, ниту согласно негативните мислења на Министерството за култура превземаше конкретни дејствија за директорот и УО. Извештаите Владата ги разгледуваше како мареријал за информирање, што е спротивно на Законот за филмска дејност – се вели во Извештајот, кој е преполн со утврдени неправилности.

Накратко, утврдено е дека 39 проекти добиле околу 50 милиони денари (813 илјади евра), а не снимиле филмови ниту ги вратиле парите. Агенцијата толерирала фалсификувани документи поднесени од повластени продуценти, како „Лист продукција“. Работната група утврдила и дека се местени конкурси од лица со судир на интереси, како и дека Агенцијата со години незаконски му исплаќала пари на здружението Друштво на филмските работници на Македонија. Ова Друштво, кое е организатор на Фестивалот Браќа Манаки, пак, со години не поднесува финансиски извештаи за истиот. Исто така, утврдено е дека незаконски се извлекувани пари преку фестивалот „Златна рамка“.

– Агенцијата за филм работи нетранспарентно, неотчетно, неодговорно, во работата повластува одредена група на продуценти и работи спротивно на Законот за филм и другите закони. Работата на АФ е подредена на субјективизмот на мал број на лица кои имаат одлучувачки функции во остварувањето на нејзините надлежности. Таквото констатирано работење создава сомнеж за постоење индиции за прекршување и на Кривичниот законик – се вели во Извештајот.

Се нотира дека има нееднаква примена на законите кон сите продуцентски куќи. Инспекторски надзор на Министерството за култура утврдил дека „Лист продукција“ доставила неточни податоци на конкурс, а Управниот одбор на АФ не расправал за потребата од конкретни дејствија заради тоа, ниту донел одлука во врска со продуцентот.

– Од друга страна, за наводно давање на невистинита изјава од „Банана филм“, УО на Агенцијата донел одлука да се сопре финансирањето на сите проекти на „Банана филм“ во сопственост на Милчо Манчевски. Ваквите постапки упатуваат на очигледна селективност при постапувањето – нотира работната група во извештајот.

Агенцијата воопшто не контролирала дали продукциските куќи работат а филмовите за кои зеле пари со предоговори, не им барала редовно да доставуваат шестмесечни извештаи и не барала поврат на партите од оние продукциски куќи кои немало да ги снимат филмовите во рок од пет години, иако тоа е законска обврска на Агенцијата, со цел да не се оштетува државниот буџет.

– Од проектите кои беа опфатени со увидот, работната група стекна уверување дека во исти околности кога повеќе филмски продуценти ги исполниле условите од преддоговорите и се стекнале со право да склучат договори, директорот на Аф дискреционо избирал со кого ќе склучи договор и кому ќе му додели пари за филм, а на одбиените не им доставувал известувања со образложение. Ова остава простор за сомнеж дека директорот на АФ одредени филмски продуценти ги ставил во повластена положба, што создава индиции дека ја злоупотребил службената положба. Констатирано е и дека некои проекти се исплатени и до 90 отсто од сумата уште на почетокот на снимањето, а истите не се ни прикажани. АФ не води ажурна евиденција за реализација на филмските проекти и нетранспарентно и без почитување на законските обврски врши исплата на продуцентските куќи. Агенцијата, исто така, не ја следи важноста на банкарските гаранции – се вели во извештајот.

Голем проблем во работењето на АФ, според извештајот, е и тоа што работата на Агенцијата во најголем дел се врши преку надворешни лица, а редовно вработените не се вклучени во работата. Во извештајот е наведено и известување од Народниот правобранител, кој увидел дека во АФ се влошени меѓучовечките односи, а истото го констатирала и самата работна група која утврдила дека комуникацијата меѓу вработените во голема мера се одвива претежно преку електронски пораки со употреба на непрофесионален и неетички говор.

Групата утврдила дека АФ спротивно на законот повеќе години наназад му доделува пари на Друштвото на филмски работници. Парите од 2018 до 2021 година се одобрувани од Бранко Петровски, кој во тоа време бил финансиски советник на директорот на АФ и претседател на надзорниот одбор на Друштвото на филмски работници.

– Агенцијата за филм врз основа на меморандум за период од пет години му исплатила на Друштвото на филмски работници 7 милиони денари (115 илјади евра). Претседател на Друштвото е Игор Иванов – Изи, а генерален секретар е Томи Салковски. Во Законот за филмска дејност нема основ за финансирање на здруженија со буџетски средства. Истовремено, АФ не ни врши контрола како ова здружение ги користи доделените средства – се вели во извештајот.

Во врска со одлуката за прекинување на натамошното финансирање на филмот „Биста“ на продукцијата „Банана филм“ на Милчо Манчевски работната група вели дека Агенцијата одлуката ја донела врз основа на погрешна примена на Законот за управна постапка. Агенцијата го сопре финансирањето заради „потреба од решавање на претходно прашање“, односно заради постоење на сомнение за вистинитоста на изјавите што ги доставил продуцентот.

– Претходно прашање во никој случај не може да биде поднесена кривична пријава, затоа што Основното јавно обвинителство не е управен орган. Вистинитоста на изјавите на продуцентот „Банана филм“ не може да се смета дека е претходно прашање. Дали изјавите се вистинити или не АФ морала да утврди во моментот кога за прв пат ги разгледувала пријавите на „Банана филм“. Согласно Уставот, на секој граѓанин му се гарантира презумпција на невиност – констатира документот.

ПредходнаТурција меѓу Истокот и Западот или по патиштата на Отоманската империја
СледнаНАТО размислува да го стави нуклеарното оружје во состојба на готовност