дома Политика Радев: На државниот врв на Република Северна Македонија им недостасува познавање на...

Радев: На државниот врв на Република Северна Македонија им недостасува познавање на меѓународното право

32

Државното раководство на Република Северна Македонија очигледно не е подготвено. Неопходно е познавање на меѓународното право, што очигледно недостига. Кога ќе се потпише меѓународен договор, тој треба да се исполни од сите идни влади, а не да се ревидира, изјави бугарскиот претседател Румен Радев коментирајќи ја вчерашната изјава на премиерот Христијан Мицкоски, кој истакна дека Договорот за добрососедство со Бугарија може да се репреговара. Радев ја даде изјавата по брифинг со бугарски медиуми во Атина, по средбата со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, јави БТА.

Мицкоски вчера изјави дека Преспанскиот договор е реалност и дел од уставниот и правниот поредок на земјата, а Договорот за добрососедство е веќе репреговаран, со додадавањето на т.н. „француски предлог“, од кои произлегуваат уставните измени, поради што, како што рече, не гледа причина, зошто кон него да не се додаде некаков друг предлог, што ќе ги опфати барањата на македонскиот народ.

Според Радев, „на властите во Скопје им недостига познавање по уставно право“.

– Моделот на бугарскиот Устав и на оној на Република Северна Македонија се многу различни – нивниот ги заштитува колективните права, додека моделот на на нашиот Устав ги почитува индивидуалните права. Очигледно немаат познавања и во однос на европското законодавство за тоа, дека кога има заклучоци на Советот, усвоени со консензус, тие не се објект на пазарења, туку треба да се исполнуваат, рекол Радев.

Тој оценил дека „државниот врв на Република Северна Македонија има многу да научи“, додавајќи дека „се подготвени да помагаат и оти отсекогаш помагале на Република Северна Македонија на нејзиниот европски пат“.

Мицкоски, меѓудругото, во вчерашната изјава за медиумите, рече дека не може да водат политика на двојни стандари и оти ако се бара промена на Уставот за неколку стотини наши сограѓани, кои се декларираат како Бугари, тогаш треба да се земат предвид и правата на Македонците во Бугарија.

-Не можеме да водиме политика на двојни стандарди, ако бараме промена во Уставот во Македонија за неколку стотини наши сограѓани, кои за себе велат дека се дел од бугарската заедница, тогаш треба да видиме што станува со оние граѓани кај нашиот источен сосед, кои што велат дека се дел од македонската заедница. Треба да си го поставиме прашањето зошто тие бараат да бидат дел од македонскиот Устав, дали нечии човекови права се загрозени. Ако е така тогаш треба да видиме во Европа, која е таа институција која е одговорна да донесе одлука, чии човекови права се нарушени или не се. Тоа е Европскиот суд за човекови права и ако ја погледнете денеска ситуацијата или спортски да се изразам семафорот ќе видите резултат 14:0, односно имате 14 пресуди за македонската заедница во Бугарија, чии што права се или ограничени или нарушени и нула за бугарската заедница во Македонија. Така што мораме да имаме политика, која не се темели на двојни стандарди. Таква политика води оваа нова влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ и се додека сум јас претседател немам намера да водам политика на двојни аршини, рече Мицкоски.

Тој исто така ги окарактеризира како чудни изјавите, кои доаѓаат од официјална Софија, особено од претседателот Радев, кој, како што рече дава изјави кои повеќе прилегаат на средниот век, отколку на 21, век.

ПредходнаФилипче: Обвинувањата за нелегитимноста на процесот се некоректни и навреда за членовите на СДСМ
СледнаЈермак: Украина не е подготвена на територијален компромис со Русија за завршување на војната