– Голема црвена свиња опкружена со три човечки ликови – тоа е описот на засега најстарата откриена слика, создадена пред повеќе од 51.000 години, на ѕид во пештера во Индонезија. Со тоа, ова е најстарото уметничко дело во светот, објави денеска aвстралискиот Универзитет „Грифит“.
– Иако скромен по изглед, цртежот јасно раскажува приказна што го претставува и најстариот познат доказ за раскажување приказни. Тоа му претходи на пештерските слики во Ласко и Шове во Франција, изјави археологот Адам Брум, еден од авторите на научниот труд објавен во научното списание „Нејчр“ (Nature).
Сликата, иако „нагризана од забот на времето“ јасно го опишува дејството, слично како и енигматичната „Сцена на бунарот Ласко“ (стара 21.000 години) што прикажува човек со птичја глава кој соборува бизон. Претходниот рекорд го држеше сцена на лов, идентификувана од истите истражувачи од Универзитетот во Австралија во 2019 година, во индонезиска пештера, за којашто се процени дека е стара речиси 44.000 години.
Најновото откритие, во блиската пештера Марос-Пангкеп на островот Сулавеси, го означува „првиот пат кога е надмината бариерата од 50.000 години“, според истражувачот Максим Оберт, археолог од aвстралискиот Универзитет.
– Фактот што најраните претставници на нашиот вид можеле да раскажат ваква „софистицирана“ приказна преку уметност може да го промени нашето разбирање за когнитивната еволуција на хомо-сапиенсот… Според мое мислење, ова откритие ја зајакнува претпоставката дека фигуративната уметност првпат се појавила во Африка пред повеќе од 50.000 години и дека концептот станал пошироко распространет како што се проширувал нашиот вид, додаде научникот.
Истражувачите примениле нов метод кој користи ласери и софтвер за да генерира „мапи“ на обрасци на карпите заради одредување старост на сликата.
Оберт претпоставува дека делото веројатно го создале првите групи луѓе кои ја преминале Југоисточна Азија пред да пристигнат во Австралија, пред околу 65.000 години. Инаку, првите слики направени од човечка рака се едноставни линии, откриени во Јужна Африка и датираат од пред 100.000 години.си/
Фото: Универзитетот „Грифит“.