дома Политика Претседателката Сиљановска Давкова во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана

Претседателката Сиљановска Давкова во Генералштабот на Армијата и Министерството за одбрана

26

По пречекот со воени почести, началникот на Генералштабот и министерот за одбрана, во присуство на генералите во Армијата и високи раководни лица во Министерството за одбрана и Генералштабот презентирале за актуелната состојба, процесите на трансформација и модернизација и опремување, обуката и активностите кои се од значење за извршување на мисијата на Армијата, како и учеството во операциите со кои придонесуваме во колективната безбедност.

Од МО соопштија дека претседателката Сиљановска Давкова истакнала дека во Армијата како институција со најголема доверба во државата и докажан сојузник во Алијансата е неопходно понатамошно вложување за подобрување на условите за живот и работа во сите сместувачки капацитети, како и во армискиот полигон „Криволак“.

Таа изразила очекување Армијата, како и досега, да продолжи со истата посветеност да ја исполнува својата уставна должност да го штити територијалниот интегритет и независност, а армиските припадници да продолжат да бидат пример за професионализам, дисциплина и посветеност, како што доликува на земја членка на НАТО.

– На тет-а-тет средбата меѓу министерот Мисајловски и претседателката Сиљановска Давкова, беше потврдена посветеноста за унапредување на безбедноста, мирот и стабилноста во земјава, регионот, Европа и пошироко. Беше констатирана заложбата дека Македонија потребно е да има брз економски напредок, сигурна и стабилна иднина, се наведува во соопштението од Генералштабот на Армијата.

Претседателката Сиљановска Давкова и министерот Мисајловски потенцирале дека припадниците на Армијата имаат најголема почит и доверба кај македонските граѓани и дека ќе преземат максимални напори за континуиран развој и напредок на одбраната. Во тој контекст, тие истакнале дека македонската Армија, заслужува да има современа опрема, а нејзините припадници можност за развој и напредок во кариерата.

Се разговарало и за идните вложувања во одбранбениот сектор и модернизација, јакнење на меѓународната одбранбена соработка со сојузниците и партнерите, како и унапредување на стандардите и условите за работа на припадниците на Армијата.

Во контекст на колективната безбедност, се додава во соопштението, Мисајловски истакнал дека активно ќе партиципираме во операциите за заштита на регионот и источното крило на Алијансата.

На средбата со генералот Ѓурчиновски биле посочени и очекувањата во остварување на планираните процеси и евентуалните предизвици со кои може да се соочиме во областите од значење за функционирање на Армијата.

Претседателката и врховен командант на Армијата, согласно законските одредби е надлежна за најголем дел од суштествените прашања во одбраната, меѓу кои и за донесувањето на стратегијата и планот на одбраната, организацијата и формацијата на Армијата, прописите од борбената готовност и поставувањето на главните раководни позиции во Армијата со генералски чинови.

ПредходнаБруно Делбонел добитник на „Златна камера 300“ за животен опус на 45. издание на „Браќа Манаки“
СледнаДи Каприо откри со кого најмногу уживал да работи