Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља и неговиот албански колега, Тауљант Бала денеска на граничниот премин Морина потпишаа договор за заедничка гранична контрола, со кој ќе се создадат олеснителни услови за жителите од двете страни на границата, особено областите околу граничните точки меѓу двете држави, јави дописникот на МИА од Приштина.
Министерот Свечља по потпишувањето рече дека договорот ќе го олесни преминот на граѓаните од двете земји.
Тој најави и дека се предвидени посебни дејствија што ќе ги преземе полицијата во случај на преминување на сомнителни лица или возила на граничните премини со Албанија.
Албанскиот министер на полицијата, Бала изјави дека со постигнување на овој договор за отстранување на контролата ќе се скрати и времето на чекање на граѓаните на Албанија и на Косово за влез од едната во другата држава.
Министерот Бала изјави дека олеснувањето на граничната контрола меѓу двете земји ќе влијае и на зголемувањето на бројот на косовски туристи на брегот на Албанија. Тој рече и дека верува оти Албанија годинава ќе ја надмине бројката од 14 милиони туристи.