Кога лидерите на 32-те земји членки на НАТО ќе се соберат во Вашингтон, ќе ја прослават 75-годишнината од постоењето на „најуспешната и најсилна алијанса во историјата“, како што ја означи генералниот секретар Јенс Столтенберг во интервју со ДВ. По инвазијата на Русија во Украина, НАТО навистина живна и брзо одговори на војната што се случува пред портите на Алијансата. Сојузниците постепено ја зголемија воената и финансиска поддршка за Украина во нејзината војна против Русија, иако Киев не е дел од воениот сојуз.
500.000 војници подготвени за војна
НАТО разработи нови планови за сопствената одбрана и распореди повеќе војници во земјите кои граничат со Русија. Сојузот има околу половина милион војници подготвени за војување во Европа. Алијансата поздрави и нови членки во своите редови, две силни демократии со модерна војска – Шведска и Финска.
Членките на НАТО сега инвестираат повеќе во одбраната. Бројот на земји кои одвојуваат најмалку два процента од БДП за одбраната се зголеми од девет во 2021 година на 23, што, според Јенс Столтенберг, е „рекорден број“.
Кадарен ли е Бајден за функцијата?
Оттаму, самитот во Вашингтон треба да испрати силна порака за сила и единство, иако постои ризик средбата да мине во сенка на американската внатрешна политика и прашањето дали Џо Бајден е сѐ уште кадарен за функцијата и за реизбор. Многумина во Европа стравуваат дека победа на Доналд Трамп е сѐ поизвесна. За време на неговото владеење, Трамп повеќепати покажуваше отпор спрема Алијансата и се закануваше дека Европејците ќе треба да плаќаат за заштита од САД. Неодамна, за време на предизборната кампања, отиде до таму да каже дека Русија може „да прави што сака“ со земјите од НАТО кои не ги постигнуваат финансиските цели за издатоци за одбраната.
Трансатлантскиот сојуз под ризик
Загриженоста околу реперкусиите доколку дојде до втор претседателски мандат за Трамп, долго време се потиснуваа во седиштето на НАТО и во главните градови во Европа, додека дипломатите тврдеа дека никој не може да сопре избори во демократија и дека политички промени се дел од животот насекаде во земјите од Алијансата. „Американците многу добро знаат колкаво значење има НАТО”, рече германскиот министер за одбрана Борис Писториус во интервју за ДВ на почетокот на годинава и додаде дека „секому е јасно дека секој што си игра со трансатлантскиот сојуз си ги ризикува сопствените геополитички и стратешки интереси“.
Напори за НАТО по мерак на Трамп
Иако не е голема веројатноста дека Доналд Трамп комплетно би истапил од НАТО, на што укажуваат неодамнешните извештаи, сепак многумина очекуваат тој супстанцијално да ја намали улогата на САД за безбедноста во Европа. За НАТО, кој беше доминирана од огромната воена моќ на САД, тоа би имало значителни последици. Во изминатите месеци, генералниот секретар Јенс Столтенберг, вложи напори да ги придвижи Европејците во НАТО кон безбедносна архитектура која повеќе би му се допаднала на Трамп. Зголемениот број земји кои трошат повеќе на одбраната се дел од таквите напори.
Европејците – фалбаџии?
Столтенберг и многу Европејци „многу си се фалат самите“ во однос на тоа прашање, вели Мајда Руд од Европскиот совет за надворешни релации за ДВ. Таа истакнува дека девет земји, меѓу кои Канада, Италија и Шпанија и натаму трошат помалку од два проценти од БДП на одбраната. „Ако си многу мала земја со мал БДП и трошиш и 3,5 проценти на одбраната, тоа сепак нема да направи голема разлика на бојното поле“, посочува Руд. Во пресрет на самитот, полскиот претседател Дуда, обожавател на Трамп, ги повика европските земји да се договорат на таргет од три проценти од БДП за одбраната. Ијан Лесер од трансатлантскиот тинк-тенк Германски маршалов фонд, за ДВ вели дека не очекува наскоро да се реши дебатата околу трошоците, без разлика кој ќе победи во трката за Белата куќа.
„Приспособувањата во однос на буџети и планирање и стратегија и прифаќање во јавноста нема да се случат преку ноќ,” вели Лесер. Тој посочува дека изградбата на посилна индустриска база за одбраната во Европа може да трае со децении. „Има неизбежен јаз меѓу тоа што се посакува и тоа што веќе е сторено”, посочува тој. Таквиот јаз значително може да се одрази и врз западната поддршка за Украина. На самитот, лидерите на НАТО ќе дадат зелено светло за планот НАТО да ги води координациите на безбедноста и обуките за Украина.
Нова командна централа за помошта за Украина
Според Столтенберг, тоа поддршката за Украина ќе ја стави на „поцврста основа за претстојните години“ со командна централа во германскиот град Визбаден и персонал од речиси 700 лица од земјите членки. Планот направен по значителното одлагање на испорака на американско оружје за Киев, беше опишан како поддршка од НАТО за Украина независна од Трамп заради стравувањата дека тој би можел да ја стопира помошта доколку биде повторно избран за претседател.
Нема покана за членство на Украина
Ова е „вид на природна еволуција” за НАТО да се стави „поблиску до центарот на гравитација” кога се работи за воената поддршка на Украина, оценува Лесер. Тој иницијативата ја опишува како алтернатива за прашањето за членство на Украина во НАТО, кое и натаму е крајно контроверзно во рамки на Алијансата. Но, што се однесува до воената поддршка за Киев, САД е „екстремно важен чинител,” вели Лесер. „Сѐ заедно земено, Европејците можеби придонесоа колку и самата САД за воената поддршка за Украина”, посочува тој.
Политички турбуленции во Европа
Клучно прашање не е само дали Европејците ќе бидат кадарни, туку и дали ќе сакаат да го пополнат јазот ако САД се повлечат или драстично ја намалат поддршката за Украина. За Руд поделната Европа е еден од најголемите ризици за иднината. Многу европски лидери во моментот се заслабнати во нивните позиции. Макрон на самитот пристигнува по вториот круг предвремени избори. Шолц се соочува со растечка десница во својата земја, а британскиот премиер Стармер е нов на функцијата.
„Не е само Европа загрижена за исходот од изборите во САД и потенцијалното влијание врз НАТО, туку и како тоа може да влијае врз политичкиот развој во Европа“, вели Лесер. На некој начин, вели тој, има генерално расположение на неизвесност на двете страни на Атлантикот.
DW