Прекршувањето или селективното спроведување на Договорот од Преспа ќе ја загрози стабилноста и безбедноста во регионот, истакнал меѓу другото, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на првиот дел од состанокот на НАТО, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, повикувајќи се на свои информации, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис меѓу другото нагласил дека „напредокот, безбедноста и просперитетот се засноваат на почитување на меѓународното право и меѓународните договори“.
Во однос на ставот на американскиот претседател кој ја подвлекол важноста на Западен Балкан за безбедноста на Алијансата, како што пишува АНА-МПА, Мицотакис посебно се осврна на Договорот од Преспа, за кој, рекол дека овозможи проширување на Алијансата со пристапување на Северна Македонија.
– Целосното спроведување на Договорот од Преспа, истакна премиерот, е од суштинско значење за Алијансата, за Западен Балкан и за меѓународната заедница. Прекршувањето или селективното спроведување на Договорот од Преспа, продолжи тој, ќе го поткопа кредибилитетот на сите напори за решавање на другите отворени прашања н Западен Балкан и ќе ја загрози стабилноста и безбедноста во регионот, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА, во однос на обраќањето на Мицотакис.
Паралелно, грчкиот премиер додал „Pacta sunt servanda“, посочувајќи дека „сите мора да го запомниме ова“.
Во исто време, во медиумите во Грција, актуелна е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски поради тоа што го употреби терминот „Македонија“.
Меѓу другото, како што рече, пораката која што ја испратил е дека „помина времето на свиткани кичми, на корумпирани политичари и политичари кои што се подготвени од името да ја заштитат својата корупција и криминал и да направат буквално се“.
-Втората порака која што ја испратив е дека помина времето на свиткани кичми, помина времето на корумпирани политичари кои што доаѓаат од Македонија и политичари кои што се подготвени од името да ја заштитат својата корупција и криминал и да направат буквално се. Да потпишат се, да го прифатат секое понижување кое ќе им биде понудено на маса само да го заштитат својот криминал. Тоа време е веќе историја и минато. Мораме да зборуваме како вистински партнери, да зборуваме како соседи, бидејќи партнерството и добрососедството е двонасочна улица и ние сакаме тоа да го негуваме и само така да го гледаме, додаде Мицкоски.
Потенцираше дека ќе дадат се од себе да го повратат загубеното достоинство.
-Уште еднаш би сакал да ви посакам едно големо Македонијо ве сакаме и бидете горди бидејќи навистина даваме се од себе да го повратиме она изгубено достоинство кое што изминатите 7 години, за жал го немавме, не се само овде во Вашингтон, туку насекаде во Светот бидејќи не претставуваа политичари, кои за среќа на граѓаните се сега веќе минато.