дома Политика Гаши со молитвата во Собранието ја наруши секуларноста на државата, реагираат ВМРО-ДПМНЕ...

Гаши со молитвата во Собранието ја наруши секуларноста на државата, реагираат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и бараат одговорност

17

Со оваа постапка не им се оддава почит на жртвите од Сребреница, туку напротив, ова претставува тешка злоупотреба на оваа трагедија заради прибирање на политички поени.

Собранието не е и не смее да биде место за организирање на било какви религиски обреди, бидејќи Македонија е јасно определена според Уставот како секуларна држава, реагира владејачката ВМРО-ДПМНЕ откако претседателот на Собранието Африм Гаши и претставници на бошњачката заедница при оддавање почит на жртвите од геноцидот во Сребреница во Собранието се молеа. Опозицискиот СДСМ освен осуда дека на молитвата не ѝ е место во Собранието, побара институциите да реагираат и да има одговорност.

-Ги почитуваме сите религии и религиозни обреди. Меѓутоа, сакаме да истакнеме дека Собранието не е и не смее да биде место за организирање на било какви религиски обреди, бидејќи Македонија е јасно определена според Уставот како секуларна држава. Во нашата земја нема место за религиозни ритуали во државните институции, ниту пак, државата има право да се меша во работата на верските заедници. Во врска со настанот со кој се одбележа геноцидот во Сребреница, каде што еден од учесниците ја злоупотреби поканата и организираше исламска молитва во оваа државна институција, изразуваме најостра осуда – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија апелираат да не се политизира туѓата несреќа и да се собираат ситни политички поени врз несреќата на илјадници други луѓе.

-Со оваа постапка не им се оддава почит на жртвите од Сребреница, туку напротив, ова претставува тешка злоупотреба на оваа трагедија заради прибирање на политички поени. Трагедијата од Сребреница треба да биде потсетник за важноста на мирот и почитувањето на човековите права, а не повод за непотребни конфликти и поделби – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

За молитвата во Законодавниот дом реагира и опозицискиот СДСМ и ги повика институциите да реагираат.

ПредходнаКосовски Албанец осуден на 15 години затвор за воени злосторства врз Албанци во 1999 година
СледнаПесков: Начинот на кој Бајден зборува за Путин е неприфатлив