дома Балкан Косовски Албанец осуден на 15 години затвор за воени злосторства врз Албанци...

Косовски Албанец осуден на 15 години затвор за воени злосторства врз Албанци во 1999 година

15

 Основниот суд во Приштина го прогласи косовскиот Албанец Мухамет Алидемај за виновен и го осуди на 15 години затвор за воени злосторства во војната од 1999 година во селото Избица, општина Србица (Скендерај) во северозападно Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според обвинението, Алидемај учествувал, заедно со припадниците на српските полициски и воени сили, во убиството на албански цивили во масакрот во Избица во март 1999 година, во кој се убиени и масакрирани 130 Албанци, објави невладината организација која го надгледува косовското правосудство, „Заклетва за правда“.

Пресудата против Алидемај во петокот ја објави судијата Весел Исмаили, кој рече дека во затворската казна ќе му се смета и времето поминато во притвор.

Според обвинението од март 2022 година, Алидемај во временскиот период од 24 март 1999 до 11 јуни 1999 година, за време на вооружениот конфликт во Косово, како припадник на српските полициски и воени сили, заедно со други припадници на српските полициски и воени сили насилно ги одвоиле жените и децата и насилно ги принудиле да одат во правец на Албанија, додека мажите кои останале ги егзекутирале со автоматско оружје, при што убиле 130 луѓе. Идентификувани досега се 114 жртви, додека 12 цивили ја преживеале егзекуцијата. По два месеца, се вели во обвинението, од страна на Алидемај и други припадници на српските сили, со багер се откопани телата на убиените и се пренесени со камиони во непознат правец.

По завршувањето на војната, телата на 114 од жртвите биле пронајдени во масовни гробници во Батајница во Србија, како и во Косово, во селата Суходол во Митровица и Новолан во Вучитрн.

Алидемај е уапсен на 31 март 2021 година додека се враќал од Србија во Косово, за прв пат по војната 1998-1999 година. Оттогаш тој е во притвор, а се изјасни за невин по сите обвиненија против него.

ПредходнаАнглиските пабови очекуваат голема заработувачка в недела за време на одржувањето на финалето на ЕП во фудбал
СледнаГаши со молитвата во Собранието ја наруши секуларноста на државата, реагираат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и бараат одговорност